Во Скопје во наредните три дена ќе се одржи Интернационалниот натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студенски категории, како и мастер часови насловен „Тремоло“- П.С. „Гитар фест“.
Членови на жирито на фестивалот, чии организатори се Детскиот културен центар – Карпош и Град Скопје, ќе бидат светски прочуените гитаристи Морана Пешутиќ и Саша Дејановиќ од Хрватска, Срѓан Тошиќ од Србија, Столина Добрева од Бугарија и Дарко Багески и Борче Наумовски од Македонија.
За победниците на фестивалот се предвидени награди, а скопската публика ќе може да проследи три концерти во Културно информативнот центар што ќе се одржат во рамки на фестивалот.
Денеска концерт ќе одржи Саша Дејановиќ од Хрватска, утре Бојан Дојчев од Бугарија, а задутре ќе концертираат победниците од сите категории на фестивалот. Влезот за сите три концерти е бесплатен.