Од денеска до 12 октомври во Франкфурт ќе се одржува Саемот на книгата, на кој ќе биде претставена и македонската литература. Комесар е Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ), а претставувањето ќе биде под слоганот „Куќа на зборови, куќа на светови“.
РМ на саемот ќе има специјално дизајниран штанд и ќе понуди публикација со избор и превод на кратки извадоци од творештвото на 18 македонски автори. Ќе бидат промовирани и капиталните проекти на Владата и Министерството за култура и афирмиран Конкурсот за превод на дела на македонски автори од издавачки куќи од странство.
Централниот настан на македонскиот штанд ќе биде на 11 октомври во 11 часот, на кој ќе учествуваат писателите Луан Старова, Никола Маџиров и Лидија Димковска, со музички перформанс на Зоран Маџиров.
Концептот на претставувањето првпат е осмислен од универзитетски професори по литература – Соња Стојменска-Елзесер, Весна Мојсова-Чепишева и Елизабета Шелева. Осумнаесеттте автори се распоредени по шест во три сегменти, секој со различна тема и поврзан со познати мотиви од културното наследство.
Првиот сегмент е насловен „Пишување (надвор од) дома“ и опфаќа автори и дела кои тематизираат дом и (не)вдоменост, а симболично е ислустриран со „Охридска куќа“. Вториот сегмент „Умешностите на занаетот“ содржи мајсторски книжевни остварувања симболично поврзани со познатата Филигранска пеперутка и третиот сегмент „Отклучување на интимата“ со дела и автори кои се занимаваат со емоционален, еротичен, исповедно реалистичен дискурс, а е стилизиран со илустрација на Големата мајка.
Комисијата работела на концептот два месеца. Селектирала наслови објавени во последната декада и притоа начелни критеиуми биле: квалитетот на делата, жанровската разновидност, автори од различни генерации и атрактивност за европскиот книжевен пазар.
Се работи за најатрактивниот и најголем саем на книгата во светот, со над 65-годишна традиција. Претседателот на ЗИКМ Горјан Лазаревски е задоволен што по неколку години пауза, повторно Здружението ќе ја има улогата на комесар и очекува успешно претставување и контакти на македонски издавачи со странски агенти.
Македонската издавачка продукција пред десетина дена беше претставена првпат и во Гетеборг, најголем саем на книгата во Скандинавија, а по Франкфурт претстои и учество на саемот во Истанбул, од 8 до 16 ноември 2014 година, каде комесар на РМ ќе биде Сојузот на албанските издавачи.