По премиерата во јули на „Охридско лето“, Драмски театар-Скопје вечер премиерно во Скопје ќе ја изведе претставата „Ждрело“ по текст на Жанина Мирчевска и режија на Зоја Бузалковска.
Мирчевска, која живее и работи во Словенија, овој текст го напишала во 2006 година. Три години подоцна тој е одигран во Словенско народно гледалишче во Љубљана, а потоа е избран и за едицијата Современа европска драма (2012).
„Ждрело“ е трагикомедија за кризата на духот и лакомоста со која човекот самиот се уништува, за глобалната ненаситност и консументскиот нагон на современото општество. Во главната улога е актерот Рубенс Муратовски – безимен лик кој поради алчноста запаѓа во потрошувачки вртлог и неговот пат од сиромашен, отпуштен продавач на автобуски карти до наследник на огромно богатство минува низ пекол.
Според режисерката Бузалковска, да се работи текст на Жанина Мирчевска е опасен и лизгав терен. – Јас тоа си го приредувам вторпат, еднаш го работев нејзиниот текст „Таму каде што не сум бил“. Актерите ве дочекуваат со големо разбирање, големо одушевување и голем шок кога им нудите еден таков текст за работа, зашто и самиот начин на кој е напишан е различен и посебен од она што навикнале да работат секојдневно. И токму затоа е огромен предизвик, особено што овој текст се зафаќа со многу жешки, актуелни, денешни и бескрајно универзални теми. Ова не е претстава која се занимава само со нас и овде, туку се занимава со секаде и со сите, со проблеми кои го засегаат целото човештво. Во таа смисла, тргнува од една конкретна, мала приказна и ја шири до универзални размери што е секогаш провокација за работа, рече Бузалковска на прес-конференција.
Покрај актерот Муратовски, во „Ждрело“ играат и Лилјана Велјанова, Диме Илиев, Трајанка Илиева-Вељиќ, Филип Трајковиќ, Димитрија Доксевски, Александар Степанулески, Соња Стамболџиоска и Ивана Павлаковиќ. Сценографијата е на Љупчо Јованов, костимографијата на Лира Грабул, а композитор на музиката Огнен Атанасовски.