Најмалку 19 лица биле убиени во артилериско гранатирање на источниот украински град Доњецк од страна на украинските сили, изјави денеска за ТАСС Едуард Басурин од „Министерството за одбрана“ на т.н. „Доњецка Народна Република“ (ДНР).
Во текот на изминатото деноноќие, според Басурин, загинале тројца сепаратистички борци, а 36 биле ранети.
Претходно, сепаратисите во Доњецк соопштија за откриени останки на четири нови жртви во околнината на градот по артилерисото гранатирање, за што е отворен и кривичен предмет за убиството.
Проруските сепаратисти и натаму се обидуваат да навлезат на аердоромот во Доњецк, а ги напаѓаат украинските сили и во реонот на Луганск и крај стратегиското пристаниште Мариупољ, информираат на Фејсбук претставници на украинската армија
Западните новинари утринава слушнале силни експлозии од правец на аеродромот во Доњецк, по интензивните престрелки во овој регион во текот на ноќта.
Битките во реонот траат повеќе од една недела. И двете страни во конфликтот тврдат дека речиси целосно го контролираат аеродромот.
Гаѓани се и позициите на украинските сили во градот Шчастја, чија електроцентрала го снабдува Луганск со струја.
Армијата тврди дека го одбила нападот на сепаратистите крај Мариупољ, град на брегот на Азовско Море, во југоисточна Украина.
Според украинското Министерство за надворешни работи, примирјето досега било прекршено над 1.200 пати, при што загинале 88 лица – 56 војници и 32 цивили.
Ситуацијата во Украина вчера беше во центарот на телефонскиот разговор меѓу претседателот на земјата Петро Порошенко и германската канцеларка Ангела Меркел.
– Важно е целосно да се примени спогодбата од Минск, подвлече портпаролот на Меркел и додаде дека „Русија треба повидливо да го искористи своето влијание врз сепаратистите, за да придонесе за стабилизација на земјата“.
– Континуираните бунтовнички гранатирања му се закануваат на мировниот план, истакна украинската претседателска канцеларија.
Киев и Западот ја обвинуваат Русија дека ги снабдува сепаратистите со тешко оружје и дека во немирниот украински исток разместила редовна војска, што Москва го негира.