Поранешниот претседател на Полска, Лех Валенса ги обвини САД дека ја изневериле Украина, бидејќи дозволиле таа поранешна советска република да остане без нуклеарно оружје, а сега не и гарантираат безбедност како што е договорено во Будимпешта во 1994 година.
-Ја разоружаа Украина и ја оставија сама- рече тој и додаде дека Украинците треба да бидат единствени и да тежнеат за приклучување со Европа, а на Русите им порача дека не сакаат никаков конфликт со нив, но доколку Кремељ го нападне Гдањск, може да очекуваат возвратен напад на Москва.
Тој во Киев повтори дека во случај на напад на Полска и тој ќе застане во првите борбени редови и покрај тоа што е добитник на Нобелова награда за мир.
-Доколку некој дојде на тлото на Полска без да биде повикан, државата ќе се брани. Доколку го нападнат Гдањск, ние ќе ја нападнеме Москва. Нема да војуваме на свој терен. Никому не се закануваме, ги сакаме Русите, никогаш нема да ги нападнеме. Но доколку тие не нападнат ќе биде жешко- рече Лех Валенса.
Е. Г.