Македонската литература на Саемот на книгата во Франфурт

Од:

Македонската литература ќе биде претставена на 65. Саем на книгата во Франкфурт од 8-ми до 12 октомври. Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ) ќе биде комесар на сеопфатната презентација на македонски автори и издавачи под слоганот „Куќа на зборови, куќа на светови“.

РМ на саемот ќе има специјално дизајниран штанд и ќе понуди публикација со избор и превод на кратки извадоци од творештвото на 18 македонски автори. Ќе бидат промовирани и капиталните проекти на Владата и Министерството за култура и афирмиран Конкурсот за превод на дела на македонски автори од издавачки куќи од странство.

Најавувајќи го претстојното учество на саемот во Франкфурт, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција денеска рече дека Република Македонија е меѓу ретките земји во светот која посветува исклучително внимание на издаваштвото.

– Министерството за култура со поддршка на Владата на РМ во изминатиот период реализираше низа капитални проекти кои го унапредија книжевниот, творечкиот, преведувачкиот и издавачкиот амбиент во нашата држава. Исто така редовно, преку годишните програми, издвојуваме големи средства за проектите на приватните издавачки куќи и од 2008 година досега се издадени преку 4.000 книги и изданија на македонски јазик и на јазикот на заедниците кои егзистираат во нашата држава, а откупени се над 40 илјади публикации со кои континуирано се збогатува библиотечниот фонд на институциите низ државата, рече Канческа-Милевска.

Додаде дека континуирано се поддржуваат повеќе литературни манифестации, а меѓу приоритетите е и претставувањето на македонското современо книжевно творештво на реномираните саеми на книгата во светот. Пред една недела беше претставено првпат и во Гетеборг, најголем саем на книгата во Скандинавија, а по Франкфурт претстои и учество на саемот во Истанбул, од 8 до 16 ноември 2014 година, каде комесар на РМ ќе биде Сојузот на албанските издавачи.

Претседателот на ЗИКМ Горјан Лазаревски е задоволен што по неколку години пауза, повторно Здружението ќе ја има улогата на комесар во Франкфурт – на најатрактивниот и најголем саем на книгата во светот. Очекува успешно претставување и контакти на македонски издавачи со странски агенти. Најави дека централниот настан на македонскиот штанд ќе биде на 11 октомври во 11 часот, на кој ќе учествуваат писателите Луан Старова, Никола Маџиров и Лидија Димковска, со музички перформанс на Зоран Маџиров.

Концептот на претставувањето првпат е осмислен од универзитетски професори по литература – Соња Стојменска-Елзесер, Весна Мојсова-Чепишева и Елизабета Шелева. Осумнаесеттте автори се распоредени по шест во три сегменти, секој со различна тема и поврзан со познати мотиви од културното наследство.

Како што појасни проф. д-р Стојменска-Елзесер, на концептот работеле два месеца. Селектирале наслови објавени во последната декада и притоа начелни критеиуми биле: квалитетот на делата, жанровската разновидност, автори од различни генерации и атрактивност за европскиот книжевен пазар.

Првиот сегмент е насловен „Пишување (надвор од) дома“ и опфаќа автори и дела кои тематизираат дом и (не)вдоменост, а симболично е ислустриран со „Охридска куќа“. Вториот сегмент „Умешностите на занаетот“ содржи мајсторски книжевни остварувања симболично поврзани со познатата Филигранска пеперутка и третиот сегмент „Отклучување на интимата“ со дела и автори кои се занимаваат со емоционален, еротичен, исповедно реалистичен дискурс, а е стилизиран со илустрација на Големата мајка.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска