Шведската Влада не ја загрижуваат критиките од страна на САД поради плановите да ја признае Палестина како држава, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
– Ние имаме такво сфаќање и тоа не е никаква новост за САД, рече новиот шведски премиер и претседател на социјалдемократите, Стефан Ловен.
САД реагираа студено на најавите од Стокхолм за признавање на палестинска држава, при што портпаролката на Стејт департментот, Џен Псаки изјави дека е прерано за таков чекор.
– За да се оди понатаму кон дводржавно решение мораме да ја признаеме државата Палестина. Ова прашање трае премногу долго. Мораме да се заложиме за решение каде што две држави ќе живеат една крај друга, вели премиерот Ловен.
И шведската министерка за надворешни работи Маргот Валстром размислува исто.
– Се очекуваше дека ќе добиеме критика за тоа, но САД не ја определуваат нашата политика, рече Валстром за Шведската телевизија СВТ.
Засега ниту Ловен ниту Валстром не сакаат да прецизираат кога би можела да биде донесена одлуката за признавање на државата Палестина.
Реакциите на палестинските територии, според шведските медиуми, се позитивни, а и Израел реагираше на најавите од страна на новата шведска Влада. Во Тел Авив денеска е повикан шведскиот амбасадор во израелското МНР, каде што ќе му биде врачена протестна нота.