Ристовски: Дел од ветените проекти во образованието реализирани и веќе даваат резултати

Од:

Дел од понудените проекти во сферата на образованието за чија имплементација се обврзавме во следните четири години, согласно дефинираната динамика наведена во акциските планови, се веќе спроведени и ги даваат очекуваните ефекти, додека, за дел од нив, активностите за имплементација се во тек или во фаза на подготовка, истакна заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски во отчетот за сработеното во првите 100 дена од формирањето на Владата.

Тој, на прес-конференцијата што се одржа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека многу ученици новата учебна година ја започнале во значително подобрени услови за следење на наставата, затоа што, како што рече, во целост е реализиран проектот за реконструкција на 19 основни и 8 средни училишта, а во завршна фаза се и реконструкциите на уште 3 основни училишта во општините Ѓорче Петров, Дебар и Берово.

– Во целост се реализирани и проектите за изградба на нови четири училишта од цврста градба (две основни и две средни), пет таканаречени модуларни училишта во рурални средини, како и доградба на објекти во состав на две училишта во општина Шуто Оризари. Во фаза на изградба е и средното училиште во општина Сарај, како и изградба на 6-тото модуларно училиште, лоцирано во село Марена во општина Кавадарци. Сумирано, се работи за акциски план вреден приближно 500 милиони денари, истaкна Ристовски.

Во изминатите три месеци, преку капиталниот проект за „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“, нови спортски сали добиле општините Росоман и Радовиш, додека во шест други општини, во тек е изградбата на исто толку, нови современи спортски објекти.

Ристовски посочи дека во истиот период во делот на високото образование и студентскиот стандард, се запонати три капитални проекти и тоа за реконструкција на Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје, адаптација на Касарната во Охрид за потребите на Универзитетот за информатички науки и технологии, и за изградба на нови објекти за потребите на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура при Универзитетот “Кирил и Методиј“ – Скопје.

Подеднакво внимание, според Ристовски, се посветува и на унапредување на квалитетот на наставата и воспитно образовниот процес.

– Во делот на основното образование би потенцирал дека од 1 септември Република Македонија стана единствената земја во регионот која што го воведе Кембриџ образовниот систем, еден од најквалитетните во светски рамки, прифатен во 160 земји и над 9.000 училишта. Во две училишта во кои од минатата година започна да се имплементира Меѓународната ИБ програма во одделенска настава, се воспостави континуитет, со тоа што оваа програма годинава се воведе за прв пат и во предметна настава, истакна министерот за образование и наука.

Во делот на средното образование, додаде, започнат е проектот за модернизација на стручното образование, кој предвидува опремување на средните стручни училишта со современи лаборатории, додека проектот Опсерваторија на вештини, предвидува подобрување на наставните планови и програми преку детална анализа на адекватноста на вештините со кои располагаат учениците од средното стручно образование во корелација со потребите на пазарот на труд.

Започнати се, рече, и подготвителните активности за отворање на реални компании во средните училишта, сродни на застапените струки, наменети првенствено за практична настава на учениците, но и за комерцијализација на производите и услугите, односно понуда на реалниот пазар, дисперзирани се паралелките на Спортската академија од Скопје, а во рамки на проектот Спортски таленти, воведена е законска обврска за сите училишта да формираат спортски клубови и да регистрираат екипи во 10 спортови.

– Од проектите кои ги засегаат и основните и средните училишта, би сакал да информирам дека во тек е постапката за набавка на интерактивни табли, а потоа ќе бидат набавени и нови 300.000 таблет компјутери, рече Ристовски.

Потсети дека и натаму продолжува проектот 35/45 кој од оваа година се промени во 30/35, со што практично е намалена границата на возраст за учество во овој проект, со цел оваа можност да им се понуди на што поголем број граѓани кои сакаат да се стекнат со диплома за високо образование.

Продолжува, додаде и поддршката кон наставно научните и истражувачките работници преку неколку континуирани долгогодишни проекти, како проектот за обезбедување на бесплатен пристап до соодветна, современа меѓународна литература и списанија со импакт фактор, проектот за набавка на лаборатории со научно истражувачка и апликативна дејност, преку доделувањето на таканаречените научни и творечки субвенции, ново формираниот Фонд за иновации и технолошки развој.

– Ова се само дел од вкупно 47-те проекти на кои работиме во сферата на образованието, а се содржани во новата програма. Со задоволство констатирам дека од нив, досега во овие 100 дена, реализиравме 12, а 29 почнаа да се реализираат и се во тек. Владата продолжува и понатаму со максималните заложби за унапредување на квалитетот на македонскиот образовен систем и за следење на современите светски образовни трендови, рече министерот Ристовски.

ВМРО – ДПМНЕ, додаде, продолжува да се раководи по начелата на принципиелност и одговорност во работењето, како и транспарентност и отчетност во однос на ветеното и сработеното, пред граѓаните со кои континуирано во изминатите 9 години заеднички ги креираме политиките за севкупен општествено-економски и социјален развој на земјата.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците

Раст на платите во јавната администрација и образованието ќе има следната година

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

Јаневска: Нашите ученици каснат многу во однос на нивните врсници во Европа

(ВИДЕО) Баковска: Нема образовни асистенти во училиштата, гневни се родителите на децата

Наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември, ќе има во март