„Дваесет и првиот“ на Томислав Османли објавен во Србија

Од:

„Дваесет и првиот“, наградениот роман на македонскиот писател Томислав Османли деновиве е објавен на српски јазик во издание на реномираната белградската издавачка куќа „Дерета“. Со тоа романот на Османли се појавува и на најсилната книжевна средина на нашиов, па и на поширокиот регион, во очи на реномираниот октомвриски, 59. белградски Саем на книгата кадешто и ќе биде претставен.

оманот веќе се наоѓа во продажба во двете белградски книжарници на „Дерета“. Изданието коешто под најавата „Македонскиот роман на годината 2010“ се објавува во библиотеката „Дерета ви претставува…“ како главен и одговорен уредник го потпишува книжевниот редактор и писател Александар Шурбатовиќ кој книгата на Османли ја прифати во жанровски богата програма и вонредно ја воведе во годинашната продукција на белградското книгоиздателство.„Дваесет и првиот“ од македонски го преведе познатиот српски преведувач Зоран Ж. Пауновиќ, а лектурата и коректурата на српскиот превод се на Дијана Стијовиќ. Ликовно-графичката опрема на книгата ја потпишува Милан Богдановиќ. Во ова свое прво издание на српски јазик, македонскиот роман се објавува во тираж од 1.000 примероци.

t-osmanli-prevod

Српската објава на романот доаѓа непосредно по неговото годинашно појавување во Црна Гора (во издание на ОКФ од Цетиње) и, две години порано, во Хрватска (загрепското книгоиздателство „Сандорф“). Романот „Дваесет и првиот“ кој на македонски го објави скопски „Блесок“, во Македонија доживеа две изданија. Прозната книга на Османли ја проблематизира драматичната историја на прагот од новиов век кој и нас, но и целиот свет го соочи со воени судири. Во романот авторот прави фантастични временски скокови низ повеќе епохи, води повеќе паралелни дејства и развива возбудлива, динамична нарација.

– Книгата е литературна потрага по изгубеното Добро во современиот свет соочен со растечките верско-етнички непријателства и среде вивнатите воени судири, при што таа потрага почнува од Македонија во 2001 година – објаснува авторот Османли.

Во романот со поднаслов „Книга на фантазми“, се појавуваат ликови на анонимни и на историски личности, на живи и на мртви македонски и светски преродбеници, лидери, уметници… кои учествуваат во доловувањето на горчливите заклучоци на нашево столетие кое започна со војни и се навести како доба на несмирени страсти.

Книгата е добитник на наградата Роман на годината на „Утрински весник“ и беше македонски претставник на натпреварот за наградата „Балканика“ во Валона, Албанија во 2010, кадешто беше второпласиран, веднаш по победничкиот роман на Исмаил Кадаре.

Прозите и драмските дела на Томислав Османли се публикувани на англиски, фанцуски, српски, хрватски, словенечки, бугарски, грчки, црногорски, полски, романски и Ладино.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска