Во настојувањата за дисперзија на литературните и културните настани низ земјата, денеска во Гевгелија ќе се одржи манифестацијата „Ден на Друштвото на писателите на Македонија“.
На средбата, што ја организираат библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија и Друштвото на писателите на Македонија, пред љубителите на литературата ќе настапат автори од повеќе генерации и тоа: Гордана Михаилова Бошнакоска, Тодор Чаловски, Веле Смилевски, Раде Силјан, Вера Чејковска, Кочо Топузоски, Санде Стојчевски, Бранко Цветкоски, Виолета Танчева Златева, Кирил Кангов, Данило Коцевски, Христо Петрески, Милош Линдро, Весна Ацевска, Братислав Ташковски и Илија Карајанов.
Програмата предвидува и омаж за долгогодишниот член на ДПМ од Гевгелија и познат музичар на хавајска гитара Илија Џаџев (1926 – 1991).
На отворањето на манифестацијата ќе зборуваат директорот на библиотеката во Гевгелија Дамјан Ѓуров и претседателот на ДПМ Веле Смилевски.
Договорено е средбата да има традиционален карактер и таа секоја година да се одржува на крајот од септември.