Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев доцна попладнево во својот кабинет оствари средба со познатата балканска музичка ѕвезда Желјко Јоксимовиќ, кој вечерва ќе настапи на манифестацијата „Штипска пастрмајлија“.
Јоксимовиќ пред вечерашниот настап во Штип вели дека по вторпат доаѓа во Штип.
– Не сум во Штип за првпат, бев како аранжер на вашиот фестивал за забавна музика Макфест а за вечерва можам да ветам дека ќе имаме убав концерт, вели Јоксимовиќ.
Градоначалникот, Захариев истакна дека и вечерва во Штип повторно ќе се рушат рекорди во поглед на посетеноста.
– Очекувам околу 100.000 гости вечерва на „Штипската пастрмајлија“, ќе има добра забава, а на просторот од околу 20 хектари кај Градскиот стадион и населбата „8 – ми Ноември“ има место за сите посетители, вели Захариев.
Тој е задоволен што и годинава градот Штип се покажа добар организатор на манифестацијата, која е посветена на брендираниот гурмански бренд штипска пастрмајлија.