Уметнички дела од 54 автори избрани на првиот конкурс за откуп

Од:

Дела од 54 македонски автори се избрани на првиот конкурс за откуп на уметнички дела, кој Министерството за култура го објави на крајот на 2013 година.

Откупот на уметничките  дела  е меѓу стимулативните мерки со кои Министерство има намера да го збогати националниот фонд на дела, да го поттикне домашното уметничко творештво и да ја афирмира уште понагласено улогата и статусот на авторот. Со делата ќе бидат збогатени музејските збирки, а некои од нив ќе ги украсуваат просторите во  институции или министесттва.

На конкурсот пристигнале 228 пријави за 605 дела, кои  беа разгледани и оценети  од стручна комисија во состав: Викторија Васева–Димеска, Захаринка Алексоска-Бачева, Маја Неделковска-Брзанова, Сафет Ахмети и Конча Пирковска.

Резултатите од првиот откуп денеска на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во присуство на членовите на комисијата и на дел од избраните уметници.

– Според јасно утврдените критериуми и потребите на нашите институции,  комисијата изврши избор на дела на 54 автори кои дале исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија,  автори потврдени промотори,  иницијатори на одредени  појави, движења и стилови во националната ликовна уметност, уметници кои учествувале на значајни групни изложби или манифестации во земјава и во странство, како и дела од млади уметници со истакнат ликовен израз, рече Канческа-Милевска.

Соопшти дека деновиве ќе биде објавен конкурс за откуп на уметнички дела за 2015 година и апелираше уметниците да ја достават целосната документација што се бара во конкурсот затоа што поради нецелосна документација на првиот конкурс не биле прифатени апликации и на реномирани уметници.

Министерката информираше и дека е двојно зголемен буџетот за ликовна дејност за наредната година во однос на 2014-та и дека нема да изостане и поддршката за претставување на македонските автори на познатите  манифестации во странство, во културно-информативните центри во Софија и Њујорк и за престојот во ателјето во Париз.

Конча Пирковска, член на стручната комисија која ги избираше делата, на прес-конференцијата рече дека пресуден критериум за избор на делата бил нивниот квалитет, а дека цените за откуп се одредени според целокупниот расположив буџет од 4 милиони денари. Просечната цена за откуп е околу 3.000 евра. Имало автори кои за своите творби побарувале цена колку што е севкупниот буџет за откуп.

– Бевме строги во однос на сите пријави. Авторите најчесто пријавуваа по три дела, имаше и по две. Во однос на цените се движевме во рамки на буџетот и бевме приморани да ги намалиме цените иако можеби некои автори не се задоволни од тоа, истакна Пирковска, која подвлече дека значајно е што ваков начин на збогатување на уметничките фондови се прави првпат по три децении.

Избраните автори ќе одлучат дали ќе ги прифатат понудените цени за откуп, а најголем дел од нив се согласни. Конкурирале речиси сите познати македонски уметници, но помалку млади автори зашто во конкурсот било наведено да се афирмирани творци.

Се пријавиле и колекционери кои понудиле дела од збирките што ги поседуваат но, според оценката на комисијата, тие не ги одразувале највисоките творечки критериуми на авторите. Од некои  познати македонски автори се одбиени дела за откуп зашто е оценето дека  од одредена фаза на нивното творештво веќе има дела во музејските збирки.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање