Добро е што после илјада години од смртта на Цар Самоил неговата Преспа се сети на нашиот цар кој своето владеење го започна и го заврши токму во овој прекрасен крај. Досега постоеле многу приказни и истражувања за тоа каде е престолнината на Самоил. Јас тврдам дека тоа беше Преспа. Моите испитувања ги темелам на долгогодишната работа на мојата докторската дисертација, рече на денешната научна трибина по повод „Илјада години од смртта на Цар Самоил“ што се одржа во Ресен, професор д-р Александар Атанасовски.
На трибината учествуваа повеќе истакнати доктори на науки по историја кои ги презентираа своите научни трудови што предизвика внимание на учесниците.
– Преспа има голем број културно историски споменици и археолошки наоди од времето на Самоил. Има наоди во трите држави каде што се простира Преспа. Секако најважен е оној на островот Аил. Покрај тоа во македонскиот и кај албанскиот дел има остатоци од тој период, истакна Игор Ефтимовски, студент на археологија.
Според градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски, ова е само почеток на она што го заслужува како почит Цар Самоил од жителите на Преспа.
– Ние сме негови должници, но верувам дека во иднина ќе ги исправиме грешките што досега се направени кон оваа личност, истакна Стрезовски, изразувајќи верување дека и државата ќе помогне во овој проект.
По повод научната трибина „Илјада години од смртта на Цар Самоил“ вечерва во Ресен ќе се одржи свечена академија.