По редовната пауза, продолжува 16-та собраниска седница

Од:

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски по завршувањето на расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, ја даде редовната пауза по што ќе продолжи 16-та седница.

Претходно, пратениците го усвоија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за нуспроизводи од животинско потекло.

Целта на измените и дополнувањата на Законот е забрзување и поедноставување на постапката за добивање одобрение за градење за инфраструктурните објекти и поефикасна примена, образложи заменик-министерот за транспорт и врски Ниметула Хаљими.

Се предлага без решени имотно-правни односи да може да се издава одобрение за градење за продуктоводи, топловоди, нафтоводи, градби за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, системи за надводнување, базени на ниво на терен за јавна употреба, како и објекти за потребите на државните органи, агенции или фондови  основани од Владата на РМ. Одобрението, според предлогот, ќе се добие со давање изјава дека имотно – правните односи на земјиштето ќе се решат најдоцна до поднесување барање за одобрение за употреба или извештај од извршен технички преглад.

Новина со законот е и тоа што Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони ќе може да издава одобренија за градење за градбите во технолошките индустриски развојни зони, во индустриските и во зелените зони основани од Владата. Под урбана опрема, пак, се предлага да се смета и опремата за продажба на храна и пливачки објекти, а се дефинираат и мостовите како линиски инфраструктурни градби.  Мислење за проектиран степен на механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита се предлага да се обезбедува само за градбите за кои согласно прописите за проектирање, основниот проект треба да содржи градежно конструктивен проект. Како градби од прва односно втора категорија се дефинираат и индустриските и зелени зони, а системите за наводнување и одводнување се дефинираат како градби од втора категорија.

За пратеничката Роза Топузова Каревска во Предлог-законот треба да има јасно изречени одредби и да не дава простор за каква било манипулација и да се реши проблемот со урбаната „мафија“. – Оваа сфера градењето и издавањето дозволи е доста податлива за коруптивни дејанија, истакна Топузова-Каревска, додавајќи дека во измените провејува линија на централизација во сферата на градењето.

Според пратеничката Солза Грчева овој закон е 12 пати е менуван од 2006 година, има 165 страници и над 250 членови, но сепак, смета меѓудругото, не е се заштитува правото на сопственост на граѓаните, не е утврдено дека тоа е неоттуѓиво, а се одземаат ингеренциите на локалната власт во оваа област.

По повеќе реплики и контрареплики на Грчева, пратеничката  од ВМРО – ДПМНЕ Лилјана Затуровска  уште еднаш потенцира дека правото на сопственост со Предлог-законот е загарантирано, а другите измени се суштински и ќе придонесат  за олеснување на постапките за добивање одобренија за градба.

Благоја Деспотовски пратеник од ВМРО – ДПМНЕ потсети дека во периодот од 2002 до 2006 година првпат се употреби и се појави „урбаната мафија“. Оваа Влада водејќи се од тоа, истакна, изврши измена на неколку закони во разни подрачја за да не може, условно во тој контекст, еден стан да се продава на повеќе лица.

Собранието го усвои по скратена постапка и Предлог-законот за дополнување на Законот за заштита на децата. Заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибраими појасни дека во Предлог-законот за дадени решенија за праашњето за чување и згрижување деца од предучилишна возраст за време на државни и други со закон утврдени празници и во неработните денови, како и во случај на вонредни состојби и прекин на работа заради штрајк во јавните установи.

Пратениците ги донесоа и одлуките за изменување на Одлуката за основање постојани работни тела на Собранието и за објавување јавен оглас за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво.

На Снежана Клинчарова  на седницата и беше констатиран престанокот на мандатот член на Советот на МРТ.

Би можело да ве интересира

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски

Предлог-законот за заемот од Унгарија на пленарна седница

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта го турка коруптивниот Закон за кредит од Унгарија по секоја цена

Собранието ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите