Австралиската Влада донесе одлука за распоредување на вооружени полицајци околу зградата на Федералниот парламент во Камбера, по добиените закани од џихадистите за напади врз владини институции во Австралија.
Владата во Канбера вчера соопшти дека спречила планови на џихадистичката организација Исламска држава за напади на територијата на Австралија, при кои би биле загрозени животите на цивилите.
По тој повод австралискиот премиер Тони АБот свика итна седница на Комитетот за национална безбедност и ги повика Австралијците да не се плашат од заканите на џихадистите.
– Сите нивоа на државната власт ќе работат со сите сили да ја гарантираат безбедноста на државата. Најдобар начин да се одговори на теророт е да се води нормален живот. Терористите сакаат да го искористат стравот за да не спречат да живееме нормално, изјави Абот на прес-конференцијата.
Во рамки на зголемените безбедносни мерки во земјата Владата донесе одлука за распоредување на вооружени полицајци кои 24 часа ќе се грижат за безбедноста на Парламентот.