Поетски читања со Роман Кисјов од Бугарија и Имануел Мифсуд од Малта

Од:

Во рамките на програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, а во организација на издавачката куќа Готен, во наредниот период во Скопје, Штип, Крушево и Струга ќе бидат организирани поетски читања со авторите Роман Кисјов од Бугарија и Имануел Мифсуд од Малта.

Вечерва во Штип во соработка со Домот на млади, домаќини на гостите ќе бидат поети од најмладата книжевна генерација Афродита Николова, Митко Гогов и Елена Пренџова.

Во арт кафето Менада во Скопје, утревечер во соработка со Независни писатели на Македонија, книжевната вечер ќе се одвива во формата на поетските хијазми, при што авторите Роман Кисјов, Ронит Бергман, Лилјана Дирјан и Богомил Ѓузел, ќе читаат и песни кои обострано си ги превеле, на бугарски, македонски и хебрејски.

Поетскиот караван ќе продолжи во Крушево, на 22 септември, каде во соработка со локалните културни институции, Крушевски театар и Младинска културна акција, под мотото „поезија на високо“ и ќе има и музичко-перформативен карактер.

Последната поетска вечер ќе се одржи во Струга, на 23 септември, каде во соработка со Струшките вечери на поезијата, Кисјов и Мифсуд ќе настапат во Спомен домот „Браќа Миладиновци“.

Престојот во Македонија Кисјов и Мифсуд ќе го искористат за подобро да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена и да остварат продлабочени и трајни контакти, кои во перспектива ќе ги направат пријатели и амбасадори на македонската книжевност и култура.

Роман Кисјов (роден 1962 г. во Казанлак, Бугарија) е исклучителен автор, по образование академски сликар, специјалист по живопис. Истовремено е и еден од најзначајните современи бугарски поети и препејувачи. Тој со подеднаква доблест твори и во визуелната уметност и во поезијата. И во двете, како и во многубројните илустрации на поетски книги се провлекува истородна поетика, под знакот на Светлината, Светоста и Убавината. Ефтим Клетников го нарекува теургиски поет, со огромна вера во силата на Словото, поет на тајната и на мистичното чувствување на микро и макрокосмосот… Негови стихови се преведувани на многу европски јазици, а меѓу другото и на ерменски, грузиски, хебрејски, арапски, кинески, хинду и бенгалски. Роман Кисјов е вистински амбасадор на македонско-бугарските книжевни врски. Има преведено преку петнаесет македонски поети со репрезентативни избори на бугарски јазик. Во рамките на резиденцијалниот престој, Роман Кисјов ќе работи на најновата антологија на македонска поезија.

Имануел Мифсуд (роден 1967 г. во Малта) го сметаат за водечки глас на малтешката генерација Икс. Нашироко е ценет за своите отворени и пластични прикази на современиот живот на Малта. Во 2005 година неговата збирка раскази Хемија предизвика бројни контраверзи откако беше забранета поради „непримерна содржина“. Инцидентот се случи неочекувано, откако неговата претходна книга, Чудните приказни на Сара Сју Семат ја освои најпрестижната Национална награда за литература. За краткиот роман Во името на отецот (и на синот) ја доби престижната награда за литеарутра на ЕУ во 2011 година… Тој предава малтешка поезија, критика и книжевна теорија на Универзитетот во Малта и негов главен академски интерес се теоријата на телото и претставувањето на телото во литеартурата.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

„Бела ноќ“ во Скопје

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар