Премиерот Никола Груевски заедно со владината делегација во чиј состав се и министрите без ресор за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески и Фуркан Чако, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски ја продолжува посетата на Република Турција.
Според агендата ќе учествува на бизнис форуми во Анкара, Адана и Мерсин.
Вчера премиерот Груевски во Анкара се сретна со претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган и со својот колега, турскиот премиер Ахмет Давитоглу.
Претходно Груевски учествуваше на бизнис форуми во градот Ескишехир, индустриската област Коџаели и Измит каде пред турските стопанственици беа презентирани поволностите што ги нуди Македонија за странските инвеститори, за отворање бизнис и нови работни места.
Турција е меѓу 10-те најзначајни трговски партнери на Македонија. Во 2013 година се најде на 9. место, а странските директни инвестиции во последните две години изнесуваат 44 милиони евра. Турција спаѓа во групата брзо растечки економии во Европа, со пораст на бруто општествениот производ од четири проценти и е една од 20-те најголеми економии во светот. Водечката улога што ја има оваа земја во областа на изработката на елементи од автомобилската индустрија, електронските уреди, текстилот и градежните материјали ја прават атрактивна дестинација од која може да се преземат искуства, но и во која има потенцијални бизнис партнери кои размислуваат да го прошират својот бизнис надвор од границите на Турција.