Германскиот виолончелист Даниел Милер-Шот на отворањето на новата сезона на Филхармонијата

Од:

Македонската филхармонија на 2 октомври ќе ја почне новата концертна сезона 2014/2015 со изведба на „Прелудиум“ за оркестар од македонскиот композитор Панде Шахов, со една од најкомплексните симфониски поеми – „Дон Жуан“ од Рихард Штраус и со експресивната „Танц свита“ од Бела Барток.

Концертот, кој ќе почне во 20 часот во објектот на Македонскиот народен театар,  ќе го води диригентот Борјан Цанев, а како солист ќе настапи виртуозот на виолончело – Даниел Милер-Шот од Германија.

Како што соопшти Филхармонијата, Милер-Шот (1976) е еден од најистакнатите претставници на овој инструмент на новата генерација музичари, кој на сцената ќе го донесе звучно маркантниот, ефективен и патетичен Концерт за виолончело и оркестар од францускиот композитор Едоуард Лало.

– Со оваа сложена, но атрактивна концертна програма, на 6 октомври, во прочуената концертна сала „Ватрослав Лисински“, Македонската филхармонија ќе гостува во Загреб, повторно под диригентство на Борјан Цанев. Овој настан претставува значаен дел во низата активности кои нашата најстара музичка институција ги предвидува за љубителите на музиката во новата концертна сезона, а по повод годинашниот јубилеј – 70 години од нејзиното постоење, информира Македонската филхармонија.

– Гостувањето во Загреб за нас е од големо значење, не само затоа што одамна Филхармонијата не гостувала надвор од границите на земјава, туку и поради прославата на 70-годишниот јубилеј. Ваквите патувања значат многу и за оркестарот кој покрај тоа што ќе ја промовира државата надвор,  ќе има можност и да ги измери своите сили во пошироката музичка арена, меѓу светските ѕвезди, изјави Маја Чанаќевиќ, директор на Македонската филхармонија.

Гостувањето е веќе најавено во загрепските медиуми и на официјалната страница на „Лисински“, а Македонската филхармонија е опишана како единствен и незаменлив претставник на симфониското музицирање во Македонија, како вистински амбасадор на македонската музичка култура која соработувала со бројни врвни диригенти и солисти. Организатор на концертот е Загрепската концертна дирекција, а билетите за овој настан се веќе пуштени во продажба. 

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска