Јужнокорејските власти уапсиле Американец кој се обидел, пливајќи преку пограничната река Хан, илегално да влезе во Северна Кореја.
Американецот чиј идентитет не се открива, освен дека е на возраст меѓу 20 и 30 години, е уапсен и задржан на сослушување.
Инцидентот се случил во реонот на силно бранетата и чувана гранична линија меѓу двете корејски држави во демилитаризираната зона.
Според медиумите во Сеул, човекот бил откриен од една јужнокорејска погранична патрола, како лежи на брегот од реката Хан, пред препливувањето.
На сослушувањето тој изјавил дека сакал да влезе во Северна Кореја за да се сретне со нејзниот лидер Ким Јонг Ун.
Обидот илегално да се влезе во оваа земја, препливувајќи ја реката во демеилитаризираната зона, е ретка појава, која носи огромен ризик за ваквиот вид авантура.
На почетокот од овој месец, еден Јужнокореец беше убиен при обидот, пливајќи да влезе во Северна Кореја. Во 1996 година, еден 26 годишен Американец беше фатен и уапсен во тамошните власти, кога од кинеска страна, ја преплива реката Јалу и влезе во Северна Кореја.
Во Пјонгјанг тој беше задржан во притвор три месеци, пред да биде ослободен по преговорите со американските власти. За него се тврдеше дека инцидентот го предизвикал во пијана состојба.
Најновиот инцидент и апсењето во демилитаризираната зона, доаѓа откако минатата недела, севернокорејските власти го осудија американскиот државјанин Метју Милер на шест години тешка работа, под обвинување за „непријателско однесување“.
Американските медиуми тврдат дека тој ја „уништил“ влезната виза, затоа што сакал да остане да живее во Северна Кореја.
Покрај Милер, уште други двајца Американци се наоѓаат во севернокореските затвори.