Документарниот филм „ На Сингапур, со љубов’’ во кој соговорници се сингапурски државјани кои живеат во егзил во Лондон, Бангкок и во Малезија е забранет за прикажување и дистрибуција во Сингапур. Државната комисија за медиуми денеска соопшти дека прикажувањето на овој филм би ја загрозило националната безбедност на пет милионската држава.
Документарецот е дело на наградуваниот сингапурски режисер Тан Пин Пин.
Според државната комисија за медиуми ликовите од овој документарец, меѓу нив и луѓе што од Сингапур избегале пред 50 години, преку пораките од филмот сакале да го исчистат своето минато. Неколкумина од нив во Сингапур се уште се водат на листата на опасни личности, поради нивниот обид како членови на Комунистичката партија на Малаја да извршат државни удари во Сингапур и Малезија.
Сингапур е посебно чувствителен на обиди за ширење левичарски идеи. Овдека сеуште официјално важи забраната за спроведување на „ ТРИ КА’’ појавите – колонијализмот, комунизмот и комунализмот. Под забрана за практикување на комунализмот е и прописот според кој станови во нови згради етничките кинези, индуси и малајци можат да купат процентуално толку колку што нивната заедница има регистрирани државјани на Сингапур. Мерката е донесена уште во седумдесеттите години на минатиот век, со цел да се спречи етничка гетоизација на населението.