Првиот академски час на УКИМ одбележан на Технолошко-металуршкиот факултет

Од:

Првиот академски час од 2014/2015 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје официјално беше одбележан на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ), со присуство на министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Тој на студентите запишани во прва година им посака успешни студии и, како дипломиран инженер по металургија, ги советуваше да учат за знаење, а не за диплома. Ги информираше бруцошите за можноста за стипендии за тие со најдобар успех, за натпреварите за наноматеријали што се организираат две години на факултетот, а на најдобрите 10 прворангирани на уписите им ги врачи индексите.

– Почнува академската година и овој ден е важен. Универзитетите се подготвени, на некои од нив уписите се веќе завршени, но има уште еден уписен рок. Очекувам дека академската година успешно ќе почне и им посакувам многу успех на сите студенти, а особено на бруцошите кои првпат седнуваат во клупите. Како Министерство ги поддржуваме универзитетите и финансиски и со поддршка на различни проекти, изјави Адеми, наведувајќи ги проектите за набавка на лаборатории, превод на стручни книги кои се употребуваат во најдоброрангираните универзитети, изградба на нови објекти за неколку факултети во Скопје и Тетово.

Го избрал Технолошко-металуршкиот факултет за првиот академски час зашто, како што рече, е еден од најдобрите во државата кој произведува квалитетен кадар за потребите на индустријата и добро соработува со приватните компании што овозможува стипендирање на студентите и нивно брзо вработување по дипломирањето.

– Според моите информации, сите студенти кои завршуваат на овој факултет, веднаш се вработуваат. Ова е голема предност, не само за студентите, туку и за државата, затоа што ние настојуваме да привлекуваме странски инвестиции кои доаѓаат секогаш кога државата располага и со адекватен кадар. Нашата политика е да ги ослободуваме од партиципација студентите кои се запишуваат на овие факултети, даваме и стипендии, од следната година ќе имаме и поагресивна кампања за да се поттикнат студентите да се запишуваат на техничките науки. Тоа може да се направи со заеднички заложби на МОН и на универзитетите, а мора да има и стимулација за студентите, рече Адеми.

Деканот на ТМФ Алекдандар Димитров соопшти дека во однос на минатата година запишале околу 10-15 отсто помалку студенти и, според нивните анализи, тоа не се должи на намален интерес за нивниот факултет, туку на помалиот број матуранти и дека опаѓање на бројот има и на други факултети. Задоволен е што се повеќе кај нив доаѓаат студенти со одличен успех во средното образование.

– Радува фактот што студентите што се запишаа оваа година, како и тие лани, се студенти со многу добри школски знаења и оценки. Тоа значи дека најголем дел од нив, 80 проценти, продолжуваат во втора година, што не беше случај во претходните години. Се уште сме дефицитарни, се уште ни треба зголемен број на запишани студенти. Ни требаат околу 180 до 200 студенти на годишно ниво. Мора да се најде начин како да се промени менталниот склоп кај средношколците за да почнат повеќе да се интересираат за техничките науки и да доаѓаат да студираат. Тоа не се прави преку ноќ. Владата и МОН прават напори за да ги анимираат да се запишуваат на техничките факултети, но не е само во кампањите, туку треба да се смени нешто во средното, но и порано – анимирање уште во основното образование како што се прави во западните земји, додаде Димитров.

Од ТМФ произлегува кадарот потребен за индустријата. Во изминатите 55 години таму дипломирале повеќе од 8.000 инженери – технолози и металурзи. По повод јубилејот од постоењето на ТМФ, деканот Димитров му врачи на министерот Адеми плакета и монографија за факултетот.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците

Раст на платите во јавната администрација и образованието ќе има следната година

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

Јаневска: Нашите ученици каснат многу во однос на нивните врсници во Европа

(ВИДЕО) Баковска: Нема образовни асистенти во училиштата, гневни се родителите на децата

Наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември, ќе има во март