Скопски џез фестивал ја објави програмата за 33. издание

Од:

Од 16 до 19 октомври, годинешниот Скопски џез-фестивал ќе понуди 12 концерти на врвни светски музичари и групи.

Со настапот на дуетот Јун Сун На и Улф Вакениус и на Тери Лин Керингтон квартет, на 16 октомври во Универзалната сала ќе започне 33-тиот Скопски џез-фестивал. Од 16 до 19 октомври, љубителите на џезот и на квалитетната музика во четири фестивалски денови ќе имаат можност да проследат дванаесет настапи на реномирани музичари и групи кои доаѓаат од САД, Велика Британија, Шведска, Норвешка, Бразил, Јужна Кореја, Полска, Швајцарија, Белгија и Австралија.

10668449_10204912640190976_1161582671_n

И годинава, како и во изминатите фестивалски изданија, Скопскиот џез-фестивал е мошне разновиден и ќе понуди музика која се движи од класичниот израз па сѐ до авангардниот и прогресивниот џез, како и музика достапна за пошироката публика.

 

Фестивалот на 16 октомври ќе го отворат две големи дами на џез музиката. Публиката ќе има можност да го проследи настапот на извонредната корејска џез-вокалистка Јун Сун На која ќе настапи во дует со шведскиот гитарист Улф Вакениус, дуо во чија музика се проткајува уникатна музичка хемија и богатство на бои. Истата вечер ќе уживаме и во концертот на американската тапанарка, композиторка и добитничка на наградата ГРЕМИ, Тери Лин Керингтон.

10668165_10204912641271003_1661158358_n

Керингтон со својот квартет во Скопје ќе го претстави актуелниот проект “Money Jungle: Provocative in Blue”, нејзиниот долго очекуван омаж на исконскиот албум “Money Jungle” на легендарното трио на Дјук Елингтон, Чарлс Мингус и Макс Роач од 1963 година. Полноќната програма на фестивалот во Сити хол центар ќе ја отвори Maciej Obara International, модерниот џез квартет на најзначајното име на новиот полски џез, саксофонистот Мачиеј Обара.

За енергичната атмосфера на втората фестивалска вечер (17 октомври, Универзална сала) ќе бидат задолжени експлозивните Fire! Orchestra, 24-члениот биг-бенд, составен од кремот на шведската џез, импро и авант-рок сцена, кој ќе настапи под диригентската палка на Матс Густавсон.

10699215_10204912642511034_887224660_n

Во склоп на оваа вечер, својот карактеристичен музички опус ќе го претстави и исклучителниот швајцарски пијанист и композитор Ник Барч, придружуван од составот Ronin Rhythm Clan.

Концертната програма оваа петочна вечер ќе биде заокружена во Сити хол центар со полноќниот концерт на белгиското трио Dans Dans кое е едно од најинтригантните откритија на европската музичка сцена во последните години.

Третата фестивалска вечер (18 октомври, Универзална сала) е резервирана за едно од најиновативните и најоригинални имиња на џез-пијанизмот, Американецот Метју Шип. Вториот дел од оваа вечер е посветен на врвен џез и боса нова, во кој ќе бидеме заведени од изведбата на славната бразилска пијанистка и пејачка Елиане Елиас, која на скопската публика ќе и го понуди својот препознатлив репертоар кој ги обединува нејзините бразилски корени и заводливиот вокал со импресивните инструментални џез и класични композиторски вештини.

10705155_10204912646471133_309989873_n

На полноќ, во Сити хол центар ќе ги видиме култните британските иноватори Red Snapper кои ќе го претстават својот најнов проект “Hyena”, албум кој ја носи свежината на актуелниот афро-фан ривајвл, а во исто време претставува рефлексија на целокупната работа на бендот во последните две децении. Годинешното фестивалско патување во џез музиката ќе заврши во недела (19 октомври). Првиот концерт од фестивалската завршница во Кино Фросина ќе го исполни можеби најистакнатото и најоригиналното музичко дуо на 1990-тите, составено од легендата на њујоршката авангардна сцена Нед Ротенберг и извонредната вокална импровизаторка Саинко Намчилак, чиешто повторно обединување нѐ остава во возбудливо исчекување.

10681848_10204912645471108_1699653524_n

Програмата од ова фестивалско издание ќе заврши во Салонот на Македонската опера и балет со настап на трубачот, мулти-инструменталист, композитор и импровизатор Вадада Лио Смит во тандем со њујоршкиот саунд дизајнер Hardedge, чиј прв заеднички студиски проект “The Nile” беше снимен во април оваа година. За крај на 33. издание на Скопскиот џез фестивал, посетителите ќе уживаат во концертниот перформанс на култното австралиско трио The Necks, чие прво концертно претставување во Скопје несомнено ќе биде уникатно музичко доживување.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

„Бела ноќ“ во Скопје

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар