Претседателот на САД, Барак Обама е подготвен да употреби американски воздушни напади во Сирија во рамките на проширена кампања против организацијата Исламска држава (ИД), пишува весникот „Вашингтон пост“.
Весникот се повикува на неименувани извори на средбата на Обама со експерти за надворешна политика, одржана на почетокот на неделата.
Доколку дојде до напади на цели во Сирија, тоа ќе претставува драстична промена на стратегијата на американскиот претседател, кој досега се залагаше за намалување на американското воено присуство на Блискиот Исток.
Според „Вашингтон пост“, првата фаза од борбата против Исламска држава најверојатно ќе предвидува повеќе активни американски дејствија во Ирак во координација со меѓународни и регионални партнери на САД.