Тибетанскиот духовен лидер, Далај Лама изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е егоцентричен и дека се однесува како да сака повторно да подигне Берлински ѕид.
-Неговиот став е „Јас, јас, јас“, тоа е премногу- рече Далај Лама за еден германски весник.
Како што пренесе „Франс прес“, тибетанскиот духовен водач упатил поостри критики кон Русија, отколку кон Кина која со Тибет владее од инвазијата во 1950 година.
-Кина и Русија се два потполно различни случаи -оцени тој, изразувајќи надеж дека „модерниот свет ќе ја поддржи Кина да стане демократска држава.“
Тој додаде дека според него Кина сака да биде дел од глобалниот политички систем и ќе биде подготвена да ги прифати меѓународните правила, но дека нема впечаток дека тоа важи и за Русија и претседателот Путин.
-Навикнавме на фактот, дека Берлинскиот ѕид е урнат. Сега, Путин сака повторно да го подигне. Но тој со тоа прави штета на сопствената држава. Изолацијата е самоубиство за Русија-заклучи тибетанскиот духовен лидер.
Е. Г.