Американските власти стравуваат од можноста дека 11-те комерцијални авиони, кои исчезнаа минатиот месец во Либија за време на борбите на аеродромот во Триполи, завршиле во рацете на исламски милитанти и оти тие би можеле да бидат употребени за терористички напади.
Единаесет авиони во сопственост на две либиски државни авиокомпании исчезнаа минатиот месец, по што припадниците на милитантната организација „Либиска зора“ ја презедоа контролата врз меѓународниот аеродром во Триполи.
Американската Влада веќе две недели предупредува за влошување на ситуацијата во Либија, укажувајќи на фактот дека авионите би можеле да бидат употребени во напади, со кои ќе се одбележи годишнината од терористичките напади врз САД од 11 септември 2001 година.
– Во Либија исчезнаа одреден број комерцијални авиони, а на 11 септември 2001 година видовме што може да се случи со киднапирани авиони, изјави анонимен американски функционер.
Аеродромот во Триполи е затворен од средината на јули, по борбите меѓу двете спротивставени милитантни групи, а кон крајот на август контролата врз аеродромот ја презеде „Либиска зора“.