Започнувањето на Втората светска војна на денешен ден пред 75 години покажува зошто Европа сега мора да и стави крај на војната во Украина, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.
Туск, кого лидерите на ЕУ го избраа за иден претседател на Европскиот совет, зборуваше на полуостровот Вестерплате на балтичкиот брег, каде на 1 септември 1939 година се слушнале првите истрели во Втората светска војна од нацистички германски воен брод. Две недели подоцна, советската армија извршила инвазија од исток, врз основа на договорот меѓу СССР и Германија за поделба на Полска. Следеле повеќе од пет години сурова војна, во која настрадале над десетина милиони луѓе.
– Денес кога ја гледаме украинската трагедија, односно војната во источниот дел на нашиот континент, знаеме дека септември од 1939 година не смее да се повтори, порача Туск.
Тој нагласи дека поуките кои треба Европа да ги научи од своето минато „не смеат да бидат лекција на наивен оптимизам“, бидејќи безбедноста на континентот бара „храброст, фантазија и одлучна акција“.
Европската безбедност во соочување со оружените судири ќе биде главна тема на самитот на НАТО, кој в четврток почнува во Велс.