Уште еден Буџет, овој пат ребалансиран, најверојатно ќе се усвои без собраниска дебата. По опозиционерите од СДСМ, и партијата на Мендух Тачи најавува дека ќе излезе од Парламентот по тепачката на Комисијата за финансисрање и буџет. Во меѓувреме, повеќе од 200 амандмани предложени од ДПА експресно без одбиени, односно не го поминаа првиот собраниски филтер.
Проектите по етнички клуч – само ветување на хартија?
Наместо да се отворат прашањата за тоа како ќе се трошат парите на граѓаните и на бизнисот до крајот на годинва, како Владата планира да го финансира продлабочениот буџетски дефицит, кои прокети до сега се завршени, зошто од казни и глоби планира да собере 100 милиони евра, во законодавниот дом на повидок е усвојување на уште еден буџет, без дебата. Опозициската ДПА, како што најви нејзиниот лидер Тачи е на чекор до конечна одлука за напуштање на Парламентот по тепачката меѓу пратениците. Бокс – мечот заврши, матичната Комисија за финанасирање и буџет продолжи. Владеачкото мнозинство експресно ги одби сите 236 амандмани на опозицијата за ребалансираниот буџет. Најголем дел од овие амандмани беа токму на опозиционерите од ДПА.
„Кај нас долги години по ред стана скоро правило амандманите на опозицијата да не бидат прифатени. Не верувам дека опозицијата не знае што предлага, туку во прашање е мнозинството кое одлучува кои амандмани ќе бидат прифатени а кои не. Прашањето на распределбата на буџетските средства по етнички клуч, кај албанските партии во земјата е издигнато на највисоко ниво. Верувам дека многу проекти кои ги предлагат албанските партии се оправдани и се од општа корист, но, досега за таквите предлози се нема доволно слух“, вели за „Поратлб“ универзитетскиот прфесор Сами Бислими и додава:
„Се создава впечаток ( кај мнозинството од албанката популација) дека и тие проекти кои се прифаќаат или се одложува нивната реализација, или, пак, се прифаќаат а никогаш не се реализираат. Јас не мислам дека проектите од јавен карактер може да се делат по некаков си етнички клуч, но решението за таквите прашање е пристапување кон т.н. суштинска фискална децентрализација, при што секоја единица на локална самоуправа, согласно нејзините приходи, ќе се зафати во реализација на проекти кои се од интерес на локалното население.“
Пратениците од албанскиот опозициски блок, предложениот ребаланс го оценија како антиалбански и дискриминаторски со кој ќе настрадаат прокети во региони и општини каде мнозинство е албанското население.
„Ние се повеќе пропаѓаме во дупка, тие ни викаат грешите – ве носиме во Европа“, рече пратеникот Беким Фазлиу од редовите на ДПА.
Во отсуство на собраниска дебата за тоа како и за што ќе се трошат 2,8 милијарди евра, буџетски пари, економската јавност отвори повеќе дилеми. Со ребалансот на буџетот Владата ги намалува приходите и расходите за 2%, пришто како што изјави министерот за финансии Зоран Ставрески, се крати подеднакво од сите министерства.
Бројките покажуваат дека на расходната страна се намалуваат парите за плати, за стоки и услуги, за субвенции, за капитални расходи, додека раст има кај ставката за социјални транфери која изнесува скоро 1,3 милијарди евра. Овие нови позиции креторот на ребалансот ги означи како “мини-ребаланс“ чија цел била даа се обезбедат нови 17 милиони евра за реализацијата на прокетот Демир Капија – Смоквица.
„Се работи за мини – ребаланс кој што ќе овозможи… навремена исплата кон буџетските корисници, навремена исплата на платите и пензиите, на социјалните надоместоци, на субвенциите кон земјоделците, како и реализација на предвидените капитални инвестиции“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески пред пратениците.
Сепак, во образложението зошто Владата посегна по ребаланс, како причина се посочуваат и зголемените транфери од Буџетот на сметка на Фондот за пензиско осигурување за да може да се обезбеди навремена исплата на пензии. Токму за ова реагираа од опозициската СДСМ.
„Владата го правда зголемувањето на дел од буџетскиот дефицит со потребата од пари за изградба на капиталниот проект Коридор 10. Но, од друга страна, со Ребалансот, ги намалува парите за капитални проекти за високи 21 милион евра. При носењето на Буџетот за 2014 година Владата најави капитални инвестиции, а сега ги крати парите за нив, што само ги потврдува манипулативните политики. Ја повикуваме власта на Груевски да каже искрено која е причината за буџетскиот дефицит? Дали се тоа потребите за капитални проекти или покривање на дупката во Фондот за пензиско?“ – прашува Марјанчо Николов од СДСМ.
За да ги оствари планираните расходи, при намалени приходи Владата со овој ребаланс посегна по зголемување на дупката во Буџетската каса, дефицитот од 3,5% од БДП се зголемува на 3,9% од БДП. Токму буџетскиот дефицит е сигнал за идни нови задолжувања кои ќе бидата потербни за да се покрие ова негативно салдо на буџетската сметка.
„Секое зголемување на буџетскиот дефицит има влијание врз зголемување на долгот, како во апсолутен така и во релативен износ, особено ако се знае дека години по ред, стапката на буџетскиот дефицит е над нивото на стапката на економскиот раст. Доколку Владата е решена буџетскиот дефицит да го оддржи на ниво од 3,9 % до крајот на годината, тогаш ќе мора да ја намали, усогласи и буџетската потрошувачка, согласно проектираните вредности со ребалансот на Буџетот. Во спротивно ќе се соочи со зголемена стапка на дефицит на буџетот. Има уште една можност за оддржување на постојното ниво на буџетска потрошувачка (незаконска), доколку се дејствува според логиката, трошење денес, а фактурирање воследната буџетска година, што не верувам дека ќе се случи.“ – вели професорот Бислими.
Во меѓувреме, новото задолжување од половина милијарда евра, пари кои ќе се трошат и за покривање на веќе проектираниот подлабок буџетски дефицит, го набилдаа Јавниот долг на досега историски највисоко ниво од 40,8% од БДП.
И со оваа стапка на задолженост од Владата велат дека земјава останува во зоната на умерена задолженост и дека не е загрозена финасиската кондиција на економијата. За годинава Владата прокетираше и зголемен економси раст до 3,9%. Проекциите се една работа, остварувањата се друга, велат економиситите.
„Да се проектира повисока стапка на економски е оправдана желба, но, да се постигне тоа треба да се вложува- инвестира во зголемување на проиводните капацитети (проширување на производните можности) на домашната економија. Доколку се погледне учеството на пооделните сектори на домашната економија, ќе биде појасно дека, домашната економија се соочува со проблемот на низок раст на реалниот сектор, кој се смета за двигател на вкупниот економски раст. Нам ни треба повисока стапка на раст на тие соктри на домашната економија кои нудат реални добра и услуги“ – оценува професорот Бислими.
Дали Владата ќе се држи до новите позиции за буџетски трошења, економски раст, капитални вложувања ќе се анализира на крајот од оваа економска 2014 та година. Според дел од економистите што ги консултирал „Поратлб“ не е исклучено дека ќе има потреба од уште едно прекројување на буџетската каса.