Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајмајер изјави дека ситуацијата во Источна Украина полека „излегува од контрола“.
Зборувајќи во Милано, шефот на германската дипломатија предупреди дека сега е потребно да се „зауздат работите“ за да се спречи директната украинско-руска конфронтација.
Изјавата на Штајмајер доаѓа во време кога земјите од ЕУ започна консултации за воведување на нови санкции за Русија откако властите во Киев и НАТО ја обвинија Москва дека руските војници навлегле во делови од Источна Украина за да им помогнат на проруските бунтовници.
Официјална Москва ги отфрла таквите обвинувања и ја обвинува украинската влада за продолжување на кризата на истокот од земјата затоа што наместо отворање дијалог со бунтовниците, Киев настојува да обезеди воена победа, жртвувајќи ги животите на голем број цивили од Доњецк и Луганск.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера остро ја нападна Украина, споредувајќи ги акциите на нејзината војска во источните делови на земјата, со постапките и однесувањето на нацистичка Германија против Советскиот Сојуз во текот на Втората светска војна.
Германскиот министер Штајнмајер се заложи за дијалог меѓу Киев и Москва како единствен начин за да се избегне воен судир.