Семеен билет за аква паркот од 1.000 денари, 200 денари билет за деца до 13 години, 30 проценти намалување за групи од над 30 посетители, месечен билет од 2.500 денари за комбинирано користење на базен, теретана и сауна и пуштање на новата веб страница се новитетите што денеска на прес-конференција ги претстави новиот директор на СЦ „Борис Трајковски“ Златко Перински.
– Со доаѓање на нов менаџмент очекувано е и воведување на некои новини во работењето. Согледувајќи ги потребите на граѓаните кои што го користат СЦ „Борис Трајковски“ и сите негови содржини, изнајдовме начин да ги донесеме сите граѓани кои сакаат да ги користат содржините на спортскиот центар по поволни цени, истакна Перински.
Аква паркот, додаде, добива нови пакет цени. Воведен е семеен билет за четиричлено семејство кој ќе чини 1.000 денари, билет за деца до 13 години кој ќе чини 200 денари и групни билети каде група од 30 посетители ќе добие попуст од 30 проценти.
Тој ја претстави и новата пакет понуда за базенот во која посетителите за цена од 2.500 денари ќе можат да ги користат теретаната, базенот но и да ја користат сауната во рамки на фитнес центарот.
– Го продолживме и работното време на базенот од 7 до 24 часот и на фитнес центарот од 7 до 23 часот кое официјално ќе почне да функционира од 1 септември. Базенот за рекреативци ќе биде отворен во текот на целиот ден за разлика од сега кога од 17 до 21 часот беа спречени бидејќи тој термин беше само за клубови, појасни Перински.
Најави пуштање на новата веб страница на Спортскиот центар која, како што рече, ќе биде „user friendly“ и лесно достапна за сите граѓани.