На градскиот плоштад во Куманово синоќа се оддржа 10-тиот Меѓународен тамбурашки фестивал, кој се одржува под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, со поддршка на Министерството за култура.
На првата фестивалска вечер настапија “Кумановски тамбураши”, “Ѓезме”, оркетстарот од Осијечко – Барањска жупанија и Тијана Дапчевиќ со бенд.
– Тамбурашкиот фестивал веќе е препознатлив кај граѓаните. Престижни имиња веќе учествуваа во изминатава деценија. Ентузијастички го започнавме фестивалот и еве стигнваме до мал, но за нас значаен јубилеј, рече уметничкиот директор на фестивалот, Нино Величковски.
Куманово е град со староградска тамбурашка традиција, вели еден од основачите на фестивалот, Ристо Келешов.- Уште далечната 1937 година во Куманово функционирал тамбурашки оркестар кој броел 37 членови. Се свиреле матинеа, серенади. Тоа беше мотивот да ја вратиме тамбурата и да му објавиме војна на турбо фолкот, рече Келешов.
Фестивалот има за цел, додаваат организаторите да ја реинкарнира убавата староградска македонска песна и да ја доближи до пошироката публика.
Вечерва на градскиот плоштад ќе настапат тамбурашкиот оркестар „Табиет” од Свети Николе и “Фрајле” од Нови Сад.