Во Владата на Република Македонија денеска редовна седница одржа Комитетот за странски и директни инвестиции со која премиерот Никола Груевски. Се разгледуваа активностите на полето на туризмот и притоа е констатирано дека во периодот од 2006 до 2013 бројот на странски туристи кои ја посетиле Македонија е зголемен за 98 отсто.
На седницата, како што соопшти владината прес-служба, се разгледуваа повеќе точки поврзани со планираните активности за промоција на инвестициските можности на земјата на повеќе странски пазари и пред заинтересирани инвеститори, се разгледуваа и повеќе идеи за модалитетите и начините за ефикасно презентирање на потенцијалите за економски развој и инвестирање, како и напредокот на повеќе тековни проекти кои Владата ги реализира на полето на туризмот. Целта е унапредување и развој на туризмот, модернизација на туристичките капацитети и обезбедување на услови за развој на нови туристички содржини.
Во таа насока беа разгледувани активностите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот кои се во насока на негово унапредување.
Комитетот констатирал дека поддршката на Владата од вкупно 155 милиони денари, кои оваа година се наменети за субвенции за организирано носење странски туристи, даваат резултати што може да се забележи и во порастот на бројката на туристи во државата, со што се отвора можност за унапредување на ваквиот начин на поддршка. Од 2006 до 2013 година бројот на странски туристи е двојно зголемен, и тоа за 98 проценти. Имајќи ги предвид позитивните трендови оваа година, тоа е и повеќе од двојно зголемување.
Покрај постоечките авионски линии кон Малме, Дортмунд, Минхен, Базел, Лондон, Ајндховен и Милано, Стокхолм и Гетеборг се воведуваат и нови три и тоа за Париз, Франкфурт и Брисел. Субвенционираните туристички тури се прошируваат со Кина и Индија од годинава, како и со САД, Британија, Казахстан, Катар, Азербејџан и Германија од 2015 година. Истовремено на седницата се разговарало и за можноста и потенцијалот за дополнително проширување на оваа листа со нови држави, за што ќе се разговара по подеталните анализи на наредната седница на Комитетот.
Членовите на Комитетот ги сумирале и резултатите од мерките кои беа преземени во последниот период како што е намалување на ДДВ од 18 на пет отсто за ноќевањата, сместувањата со појадок, полупансионите и полните пансиони, одбележувањето на туристичките места по коридорите 8 и 10, субвенциите за најразлични туристички манифестации и за донесување странски гости, како и измените и дополнувањата на законите за туристички развојни зони и за туристичка и угостителска дејност.
На седницата се разговарало и за учество на земјава на туристички саеми и лобирањето за привлекување на нови странски туристи од нови пазари преку државните субвенции за привлекување на странски туристи, и повеќе други теми.
Во сферата на странските директни инвестиции се разговараше за текот и динамиката на реализација на повеќе одделни странски инвестиции во државава, како и унапредување на стратегијата за привлекување на нови во наредниот период, се наведува во соопштението.