Поезијата има моќ да ја направи секоја земја како родно место, а Македонија е држава на поезијата, заклучи годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, jужнокорејскиот поет Ко Ун на денешната прес – конференција во рамки на 53. издание на фестивалот.
Тој поврзаноста на Македонија со поезијата ја пронајде од страдањата на земјата уште од праиисторискиот период.
– Македонија е сеуште жива, иако поминала безброј страдања уште од праисторискиот период, античкиот, средновековниот и од поновата историја. Од тоа искуство на страдање се формирал посилен поетски свет на еп и на лирика. Процесот на животот е всушност процес на македонската поезија, рече Ун.
Струга, како што нагласи, не е само родно место на браќата Константин и Димитар Миладинови, туку е утопијата за која човештвото се насочува и се надева.
Заедно со поетите од целиот свет, кои присуствуваат на СВП, подвлече дека ќе ја празнуваат поезијата во Струга.
– Струга е место за нашата душа. Ние поетите кои доаѓаме од цел свет, некои патуваат и по 30 часа од Австралија, поети од Бразил, Јужна Америка, Азија и од цела Европа, сме заедница за СВП, додаде Ун, споредувајќи го градот со Јужна Кореја како планинско и многу плодно место.
Со доделувањето на „Златниот венец“ на СВП на најголемиот корејски, но и еден од најголемите светски поети, според директорот на манифестацијата Мите Стефоски, изграден е уште еден мост кон уште една светска литература. Тој нагласи дека вистинската татковина на поетот е јазикот и преку преводот на македонски, втора татковина на Ун е Македонија.
– СВП преку наградувањето на најголемиот поет на корејскиот јазик има во својата ризница уште еден огромен опус на вредност со што се збогатени не само македонската туку и светската литература, рече Стефоски.
Традиционално, денеска лауреатот засади дрвце во Паркот на поезијата, кое како што нагласи Стефоски, долго ќе живее.
– Ќе продолжат да живеат и неговите цветови создадени меѓу кориците на книгата поезија преведена на македонски јазик уште долго и ќе имаат влијание во македонската литература истакна Стефоски.
Ко Ун е 49-тиот добитник на признанието „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, кое ќе му биде врачено в недела на поетското читање „Мостови“.