Фестивалот на новосоздадена народна песна Фолк-фест Валандово годинава ќе се одржува првпат наесен и во целосно реновирана сала во Домот на културата. Триесет нови композиции ќе бидат изведени во две полуфинални вечери на 16-ти и 17 октомври, а 20 од нив ќе се пласираат во финалето на 18 октомври.
Новина е што се избрани од селекциска комисија на конкурс и првпат ќе бидат изведени во живо со Народниот оркестар на Македонската радио-телевизија.
Министерстото за култура првпат, покрај Општината Валандово, е покровител на фестивалот, како и на другите три фестивали за нови народни односно забавни композиции (Скопски фестивал, Макфест и Цветници), со цел да се стимулира продукција на нови песни и да се подобри квалитетот, за што беше донесен и Закон за поддршка на музичката продукција.
И на овој фестивал ќе бидат доделени прва награда од 20.000 евра, втора од 10.000 и трета од 5.000 евра, како и награди за најдобар сценски настап, за најдобар дебитант и за најзаслужни за промоција на фестивалот.
Министерството за култура, исто така, инвестираше 15 милиони денари од вкупно 24 милиони за целосна реконструкција на салата, во која интензивно се работи и треба да биде готова до октомври. Салата ќе има 700 седишта и ложи и сцена по светски стандарди. Сцената за самиот фестивал, пак, ќе биде со современи перформанси, видео ефекти и ново озвучување.
За работите на терен денеска беше информирана и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која ја посети општината и салата што се реконструира.
На прес-конференција со градоначалникот на Валандово Николче Чурлиновски истакна дека ваква инвестиција заслужува најстариот македонски фестивал на новосоздадена народна песна.
– Овој фестивал веќе 30 години ја негува македонската музичка традиција и го афирмира новосоздаденото македонско музичко творештво. Навистина е настан од исклучително значење, бидејќи преку него многу генерации ги осознаа вредностите на македонскиот музички мелос. Преку фестивалот нашата народна музичка ризница се збогати со композиции кои и денеска се актуелни и на кои сите ние со посебно задоволство се сеќаваме, рече министерката Канческа Милевска.
Градоначалникот Чурлиновски истакна дека Фолк-фест е бренд на Валандово кој со новата сцена ќе биде на уште повисоко ново. Соопшти и дека за јубилејот на најстариот фолк фестивал во Македонија, кој непрекинато постои од 1985 година, ќе биде објавена монографија и цедиња.
Директорот и уметничкиот директор на Фолк-фест Валандово, Младен Костадинов и Орце Гелевски, истакнаа дека прават се во организацискиот и во музичкиот дел за да го вратат сјајот на фестивалот.
Стручна комисија оваа година од пристигнати околу 60 композции избра 15, а останатите 15 се нарачани од Советот на фестивалот. Годинава ќе има познати изведувачи и дебитанти, а за нивниот влез во финалето гледачите ќе гласаат преку телевоутинг. Ќе се пренесува директно на МРТ и на сателитскиот канал. За јубилејот ќе има и ревијален дел со хитовите од минатите изданија, за што се поканети и изведувачите од соседни земји кои имале песна-хит на Фолк фест Валандово.
Фестивалот кој до лани се одржуваше во мај, од наредната година редовно ќе се одржува во септември.