Поранешниот претседател на Грузија Михаил Саакашвили, кој се наоѓа во САД, реши да и врати на државата седум костуми и палта, купени од буџетски средства од 2009 – 2012 година.
Локални телевизии прикажаа денеска како блиски на Саакашвили ги вадат од неговиот стан костумите и палтата и ги испраќаат по пошта во грузиската Државна канцеларија, каде што работи Владата на земјата, пренесува ИТАР-ТАСС.
НА 13 август грузиското обвинителство го обвини Саакашвили и поранешниот началникот на Службата за државна безбедност Темур Џанашија за кражба на 5,1 милиони долари, државни пари.
Според обвинението голем дел од сумата била потрошена од 2009 до 2012 година за лични потреби на поранешниот претседател, како надомест за неговите странски готвачи, физиотерапевт, козметичари и дизајнери, купување на часовници и облека, за изнајмување на јахти и хеликоптери при патување во странство и т.н.
Саакашвили изјави пред грузиските телевизии дека парите биле потрошени за интерес на државата.
Против Сакашвили, кој е обвинет и за други дела, е издадена потерница, во случај да не се врати во Грузија.
Десетмина поранешни службеници од администрацијата на поранешниот претседател се уапсени под обвинение за злоупотреба на власта и корупција, откако партијата на Сакашвили загуби на изборите од коалицијата „Грузиски сон“ пред две години.