Индискиот премиер Нарендра Моди денеска изјави дека Индија е посрамотена со низата силувања и напади врз жените и апелираше до родителите подеднакво да ги воспитуваат и синовите и ќерките.
Моди, во својот прв говор по повод Денот на независноста, истакна дека законот „ќе ја одработи работата“, но оти родителите мора да ги воспитуваат синовите да се однесуваат со почит кон жените.
Индискиот премиер во говорот го потенцира успехот на информатичкиот сектор.
– Пред 25 или 30 години светот мислеше дека сме земја на скротувачи на змии и на црна магија. Но, нашата младина го изненади светот со информатичките вештини. Јас сонувам за дигитална Индија. Некогаш се зборуваше дека железницата ја поврзува Индија. Јас денеска велам дека информатиката ја поврзува Индија. Јас во целост верувам дека Индија може да се натпреварува со светот, посочи Моди.
Индискиот премиер, кој е многу популарен на Фејсбук и на Твитер, по повод одбележувањето на 68-годишнината од стекнувањето на независност од колонијалната власт, истакна дека Индија мора да го користи интернетот за да допре до сите нејзини 1,2 милијарди жители.
Моди апелираше и до меѓународните компании да инвестираат во Индија.