Викендов 26-то издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“

Од:

Со читање на дел од богатиот творечки опус на академик Катица Ќулавкова утревчер ќе биде отворено 26-тото издание на „Поетската ноќ во Велестово“, една од уникатните и ретките манифестации осмислена да го слави пеотскиот збор.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, и оваа година манифестацијата ќе трае три дена и ќе има исто толку тематски целини.

Правата вечер традиционално е посветена на презентација на творештво на домашен поет, овојпат за песните на Ќулавкова, за чиј поетски израз ќе беседи Владимир Мартиновски.

– Традиционално, покрај поетскиот портрет на еден наш истакнат поет, ќе биде одржана и ликовна изложба. Оваа година во изложбениот простор на старото училиште во Велестово со слики и склуптури ќе се претстават шест млади уметници, членови на Центарот за културен проток АРТерија. Тоа се: Димитрие Ристески, Ели Аиноска, Стевчо Наумоски, Билјана Ангелеска, Ивана Групче и Зорица Азеска Спасеска, појасни Јулијана Величковска, член на Организацискиот одбор на „Поетската ноќ во Велестово“.

poetskaNokjVelestovo1

На 16 август во просториите на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со почеток во 21 часот ќе се одржи интернационално поетско читање, во чии рамки ќе се претстават поетите Патрик Котер од Ирска, Тања Бакиќ од Црна Гора, Барбара Погачник од Словенија и Зоран Јакимоски од Македонија. Инаку, интернационалната вечер се одржува од 2008 година и на неа до сега се претсатавиле поети од Сирија, Франција, Ирска, Италија, Турција, Србија, Црна Гора, Словачка, Норвешка, Бугарија, Албанија, како и познатиот сликар Дик Робертс од САД.

Како што беше појаснето, во соработка со издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, во рамки на годинешната поетска ноќ во Велестово ќе се одржи и промоција на три стихозбирки од поети учеснци на манифестацијата. Промоцијата ќе се одржи в понеделник на 18 август во просториите на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид во 11 часот. Ќе бидат промовирани книгите: „Никој не знае“ од Патрик Котер, „Семе и други песни“ од Тања Бакиќ и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски. Промотори ќе бидат Славица Гаџова, Славе Ѓорѓо Димоски и Тоде Илиевски.

Претседателот и основоположникот на манифестацијата, поетот Славе Ѓорѓо Димоски, потсети дека „Поетската ноќ во Велестово“ е своевиден феномен, празник на поезијата кој, веќе завлезен во третата деценија, ненаметливо, трпеливо, упорно ја враќа поезијата на праизвориштето исполнето со духовна енергија и го буди исконскиот поет во нас.

Димоски ја искористи можноста да укаже на, како што истакна, парадоксот колку што повеќе расте авторитетот на манифестацијата во земјата и надвор, толку помалку средства се одвојуваат за нејзино одржување.

– Треба да се има во предвид дека оваа е непрофитна манифестација и афирмира специфична уметност која строго е врзана за јазикот кој е и најсилен израз на националниот идентитет, истакна Димоски, нагласувајќи дека со таквиот однос на институциите кон неа се загрозува нејзиното натамошно опстојување.

Поетот Патрик Котер од Република Ирска во оваа прилика истакна дека токму поетските манифестации како Струшките вечери на поезијата и Поетската ноќ во Велестово се единствените две работи што воопшто ги знае за Македонија.

– Поезијата е мошне силна алатка за мали држави како Ирска и Македонија да се запознаат меѓусебно. Поетскиот збор и културата воопштено, во Ирска постојано го користиме како важно дипломатско оружје, своевиден маркетиншки трик за презентирање на националната посебност, истакна Котер.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска