Европската комисија одобри финансиска помош од 107 милиони евра за обнова и изградба на пет гасни капацитети во Грција, објави весникот „Имерисија“.
Средствата, кои ќе бидат доделени од Европскиот фонд за регионален развој, се наменети е обнова на две гасни станици, за изградба на трета и за поставување на два цевни системи за пренос на гас.
Според проценките, за реализиација на петте проекти се потребни 551,6 милиони евра.
Станува збор за обнова на терминалите за течен гас во Ревитуса и за изградба на гасна станица во Неа Месимврија и на доводи за гас до Аливери и до Мегалополи.
Експертите апелираат до Владата во Атина да преземе мерки со кои ќе се гарантира нормално снабдување на Грција со природен гас, во случај на запирање или ограничување на дистрибуцијата на руски гас до земјата.
Енергетската зависност на Грција од Русија е голема и евентуалниот прекин или ограничен дотек на руски гас ќе предизвика огромни проблеми во работата на претпријатијата и во целата економија, смета претседателот на Здружението на трговско-индустриските комори во Грција, Константинос Михалос.