Сесилија Магнусон, пратеник од Гетеборг од редовите на владејачката партија на Модератите на шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд, предлага забрана за питачење во шведските градови, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Според неа, таквата забрана би придонела за отстранување на најлошите ризици за продлабочување на сиромаштијата.
Појавата на бројни питачи во градовите во Шведска, мнозинството од нив Роми од Романија и Бугарија и од други источно-европски земји, во последно време е проследена со бројни коментари и широка јавна дебата во шведските медиуми.
– Најлоша алтернатива би била да се дозволи ситуацијата да продолжи како што е сега, нагласува Сесилија Магнусон во својот дебатен напис во весникот „Дагенс нихетер“, кој денеска е проследен со голем медиумски публицитет.
Магнусон исто така смета дека е нереално да се верува оти шведски општини би можеле да се погрижат за сместување и издржување на питачите.
По повод написот на оваа пратеничка денеска се огласи шведската министерка за правосудство Беатрис Аск, исто така член на партијата на Модератите, а што добива посебна димензија имајќи предвид дека во Шведска наредниот месец, на 14 септември, ќе се одржат парламентарни и локлани избори.
Министерката Аск смета дека забраната не може да го реши проблемот околу уличното питачење.
– Не го делиме мислењето на Сесилија Магнусон. Проблемот е во тоа што многумина се сиромашни и живеат во мошне тешка ситуација, пред се во други делови на Европа, вели Беатрис Аск.
Таа едновремено не сака да го рецензира предлогот на пратеничката Магнусон, но смета дека во предизборната кампања треба да се следи утврдената линија на Партијата на централно ниво.
– Инаку ќе бидеме нејасни пред избирачите кој за што се залага, потенцира шведската министерка за правосудство.