Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека оддржал разговори со украинските и руските власти за испорака на хуманитарна помош за населението во источниот дел на Украина, додавајќи дека поставил стриктни услови за таа испорака со цел да ја заддржи својата неутрална улога во конфликтот.
Во соопштението се наведува дека во источна Украина повеќе илјади лица немаат адекватен пристап до вода за пиење, електрична енергија и медицинска нега, како последица на повеќемесечните судири меѓу украинските и проруските сили во ова подрачје.
Официјален Киев потврди дека се согласил Црвениот крст да испорача хуманитарна помош на истокот на Украина, во соработка со Русија, Европската унија и другите меѓународни партнери, со цел да се ублажи страдањето на луѓето од градот Луганск, кој е под контрола на проруските сили.
Во соопштение на Кабинетот на украинскиот претседател Петро Порошенко се наведува дека споменатиот план, исто така, го поддржал и американскиот претседател Барак Обама.
Црвениот крст информира дека документот за словите на испораката на помошта ќе им биде врачен на претставниците на руските и украинските власти и дека оваа организација бара од двете страни да се согласат со условите и да обезбедат гаранции дека испораката на помошта ќе биде извршена, бидејќи Црвениот крст не користи вооружена придружба на своите конвои.
– Претставниците на Црвениот крст денеска се сретнаа со украинските и руските претставници и им го врачија документот во кој се наведува начинот на кој оваа операција треба да биде изведена, се наведува во синоќешното соопштение.
Со документот од спротивставените страни се бара да му овозможат на Црвениот крст да ја испорача помошта со почитување на неговите основни принципи на неутралност, непристрасност и независност.