Британскиот премиер Дејвид Камерон не се согласува со одржувањето на специјална седница на британскиот Парламент посветена на најновиот развој на ситуација во Ирак, на која би се расправало за воената улога на Велика Британија.
Портаролот на Даунинг стрит 10 изјави дека свикувањето специјална седница „не е на дневниот ред“ на Владата.
Реакцијата на кабинетот на премиерот значи отфрлање на иницијативите на дел од ториевските пратеници и на угледни британски воени експерти за потребата од воено вклучување на Велика Британија за помош на загрозените етнички малцинства во Северен Ирак.
– Додека на тие луѓе џихадистите им ги отсекуваат главите, ние од Лондон им испраќаме храна и вода, приговараат оние кои заговараат „заеднички фронт“ со САД и со другите сојузници во пресметката со џихадистите, како и британско воено вклучување во операцијата за помагање.
Британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд, меѓутоа, ја отфрли сугестијата за борбена улога на Велика Британија како дел од помошта за ирачките христијани, за јазидите и за Курдите кои засега се единствените кои воено им се спротивставуваат на сунитските џихадисти.
– Не мислиме дека тоа (воено вклучување) е неопходно во овој момент. Сега зборуваме за хуманитарната помош, рече Хамонд по денешаната седница на Комитетот за вонредни ситуации КОБРА.
Даунинг стрит 10 во меѓувреме откри дека британската Влада, сепак, се согласила да бидат вклучени и борбените авиони од типот „Торнадо“ кои би помагале при доставувањето на хуманитарната помош за населението во Северен Ирак.