Исламистичкото движење Хамас, кое, де факто, го контролира Појасот Газа, денеска вети дека нема да прави никакви отстапки пред Израел, спротивставувајки се на тој начин на меѓународните напори за воспоставување нов прекин на огнот, откако по завршувањето на тридневното примирје судирите се обновија вчера изутрина .
-Нема враќање, отпорот ќе продолжи. Бескомпромисноста на окупаторот нема да го одведе никаде и ние нема да дозволиме концесии во барањата на нашиот народ, наведе портпаролот на Хамас, Фавзи Бархум.
Судирот што трае веќе еден месец повторно пламна откако египетските посредници се обидоа да го продолжат 72-часовното примирјеа, што почна во вторникот и се заврши во петокот во осум часот наутро.
Израел го обвини Хамас дека го прекрши примирјето со раноутринските напади во петокот.
Во судирот што почна уште на 8 јули досега погинаа повеќе од 1.900 Палестинци и 67 лица на израелска страна, вклучувајќи и тројца цивили.
Египетските посредници синоќа се состанаа со палестинската делегација и денеска на зајдисонце го очекуваат одговорот на Израелците, откако ќе им заврши еврејскиот ден за одмор- сабат.
Вршителот на должноста пратеник на САД за Блискиот исток, Франк Ловенштајн, кој веќе неколку дена е во Каиро, се уште се обидува да им помогне на страните во судирот да воспостават траен прекин на огнот, изјавија официјални претставници на амбасадата на САД, пренесуваат француските медиуми.