Американскиот производител на авиони Боинг соопшти вчера дека со компанијата „Саут Африкан ервејз“ и со холандската фирма за производство на биогориво „СкајНРГ“ се работи на претворање на зрна тутун во гориво за авиони.
Холандската компанија во Јужноафриканската република (ЈАР) работи на производство на хибридни видови тутун без никотин под назив Соларис, а се очекува дека производството на биогориво би можело да почне во рок од неколку години, наведуваат трите компании.
– Во почетокот масло од семето на тутунот ќе биде претворано во гориво за авиони, а во наредните неколку години очекуваме дека биогоривото ќе се произведува и од останатите делови на билката, наведоа фирмите.
Биогоривото кое се користи во авиоиндустријата произведено од обновливи извори како што се растенијата, може да ја намали емисијата на штетни гасови за 50 до 80 отсто.
Авиокомпаниите од 2011, кога е дозволена употреба на биогориво во авионите, извршија над 1.500 летови користејќи го тој вид гориво.