Американецот Џош Сенки тргна на патување низ САД користејќи ја сланината како единствено платежно средство. Имено, кога тргнал на пат, Сенки не зел ниту кредитни картички, ниту кеш, туку само 1.500 килограми сланина која ја пренесува во специјален камион.
– Потребна ми е ваша помош, Патувам од Њујорк до Лос Анџелес без картички, но со приколка полна со сланина Бучер Тик-Так, која ја менувам за сместување, бензин и се што ми е потребно. Цел ми е да видам дали Америка ја сака сланината колку и парите, напиша Сенки на својата веб-страница.
Според Њујорк тајмс, тој љубител на сланина тргнал од Њујорк на 10 септември, а во Лос Анџелес би требало да биде на 23 септември. Патувањето го организирала компанијата Оскар Мејер во рамки на своја рекламна кампања за нов вид сланина.
Сенки го следат постојано неколку камери и неговите искуства од патувањето може да се следат на интернет. Во Луисвил за парче сланина успеал да добие соба во приватно сместување и да плати возење со такси.