Трите главни ѕвезди на комичната телевизиска серија „Бубалици“ потпишаа нови договори со кои се обезбедија големо покачување на хонорарите.
Поради преговорите околку новите хонорари, стартот на снимањето на новата сезона беше одложен и тоа најверојатно ќе започне од утре.
Џим Парсонс, Џони Галецки и Кејли Квоко кои ги глумеа Шелдон Купер, Леонард Хофстатер и Пени досега заработуваа по околу 325 илјади долари по епизода, а изгледа од сега ќе земаат по еден милион, пишува „Холивуд Репортер“.
Не се знае точната сума на новите договори, но се тврди дека таа е голема колку онаа што ја добиваа ѕвездите на „Пријатели“ во последната сезона. Покрај ова, Парсонс, Галецки и Квоко имаат приходи од авторски права.
Комедијата за двајца цимери физичари и келнерката која сака да стане актерка, повеќепати освои награди „Еми“ и „Златни глобус“, а секоја недела ја гледаат околу дваесет милиони гледачи.
Новиот договор кој го поврзува тројцата глумци за серијата до крајот на 2017 година овозможи веќе утре да започне снимањето на осмата сезона.
Останатите ѕвезди од серијата, Симон Хелберг, кој го глуми Хуард Воловиц и Кунар Најар кој е Раџеш Кутрапали, се уште приговараат, но се очекува и тие да постигнат договор до крајот на оваа недела.