Потпретседателот на виетнамската влада Фам Бин Мин, кој е и министер за надворешни работи, најави дека Виетнам бара патишта за воспоставување на поблиски политички и економски врски со САД. Според државната агенција ВНА, првите разговори на оваа тема се воделе во Виетнам, за време на посета на делегација од американскиот Сенат, која ја предводел влијателниот сенатор Боб Коркер.
Виетнам идеолошки и економски е поврзан со Кина, но по неодамнешните крвави антикинески протести, по што односите меѓу Виетнам и Кина се заладија, властите во Ханој ја интензивираа од порано прокламираната политика за ширење на бројот на државите со кои Виетнам ќе соработува поблиску.
Аналитичарите на состојбите потсетуваат дека, притиснати од спорот со Кина околу сувереноста над териториите на Јужното Кинеско Море,Филипините во мај годинава потпишаа нов договор за воена соработка со САД. Виетнам го има истиотспор со Кина, но доближувањето со САД во догледно време е реално невозможно, освен на економски план и во дел на меѓународна политика што се однесува на човековите права.