Во организација на општина Илинден и со поддршка од Велосипедската федерација на Македонија, а во рамки на спортскиот викенд што се реализира по повод Денот на општината „Илинден 2-ри Август“ се одржа традиционалната професионална велоспедска трка „Трофеј Илинден 2014“, во должина од 100 километри.
Од општината соопштија дека трката која има меѓународен карактер, и во која годинава учествуваа десеттина велосипедисти од Бугарија и од Србија, е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на Македонија.
Во трката, чиј старт и цел беше пред спортската сала „Гоце Делчев“, а се возеше низ населените места на Општина Илинден, како што се наведува, учествуваа над 60-на велосипедисти кои што се натпреваруваа во повеќе категории, мастерс, кадети, јуниори, жени и елит – „Трофеј Илинден 2014“ трка од 100 км.
Најбрз на целта во велосипедската трка „Трофеј Илинден 2014“ беше Стеван Петровски од велосипедскиот клуб „Вело М“ од Куманово кој трасата од 100 км ја извозе за 2 часа 39 минути и 31 секунди. Веднаш зад него беше Јован Рајковиќ од Ниш, а на третото место се пласираше Ивица Давидовски, исто така од Куманово.
Од година во година „Трофеј Илинден“ станува не само помасовен туку, добива и на квалитет со учеството на велосипедисти од повеќе земји, стои во соопштението од општината.