Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска ги прими членовите на македонската параолимписка стрелачка репрезентација по повод успесите на Оливера Наковска Бикова и Ванчо Каранфилов кои изборија норма за Летните олимписките игри во Рио де Жанеиро 2016 година.
Спасески резултатите на Бикова и на Каранфилов ги оцени како значаен успех и најави соодветни награди.
– Предводени од селекторот Бранимир Јовановски, Оливера Наковска – Бикова и Ванчо Каранфилов уште еднаш потврдија дека ќе претставуваат сериозни претенденти за освојување медал на Параолимпијадата. Нивните медали од Игрите во Лондон (2012 година) и Атина (2004), како и медалот на Јовановски од Барселона (1992) го ставаат спортското стрелање на пиедесталот на најуспешните спортови во нашата држава последните две децении.
Со постигнатиот успех Бикова ја продолжува стипендијата од Светска категорија за уште четири години, а еднократна парична награда ќе добие и Јовановски, изјави директорот на АМС и му се забалгодари на селекторот за кого рече дека е максимално посветен на репрезентативците.
Годинава, посочи Спасески, Агенцијата за млади и спорт финансиски го подржа овој спорт со 300 илјади денари, а како што рече, следната година ќе помогне со повеќе средства доколку спортското стрелање аплицира со програма за настап на поголем број турнири.
Селекторот и тренер на параолимписката репрезентација Бранимир Јовановски го нагласи фактот дека македонските стрелачи по традиција од Светските првенства се враќаат барем со еден медал. Тој очекува на Бикова и Каранфилов во следниот период да им се придружи уште некој стрелач со исполнета квота за Параолимпијадата.
– Радосни сме за исполнување на двете квоти за Рио уште на стартот на квалификациите, како и за освоениот медал. Сега ни преостанува преку трите светски купа планирани за идната година во Европа, Америка и Австралија, уште некој наш спортист да избори учество на Параолимписките игри 2016 година.
Оливера Наковска-Бикова на Светското првенство во германскиот град Сул го освои бронзениот медал во дисциплината воздушен пиштол и ја исполни нормата за Параолимписките игри 2016 година, исто како и Ванчо Каранфилов кој во дисциплината пиштол 25 метри испука 565 кругови и постави личен рекорд.