Александар Џикиќ на денешната средба со новинарите рече завршил со селектирањето на кошаркарите кои ќе го носат македонскиот дрес во квалификациите за Евробаскетот 2015 и дека списокот е затворен.
– Јас веќе не сум селектор, сега сум тренер, затоа што немам веќе што да селектирам. За зборувањата дека постои некој скриен адут некое засилување, ќе кажам дека се шпекулации. Тие се тринаесетмината и така ќе биде до крајот од причина што сите заслужија да го носат националниот дрес. Заедно влеговме во ова, и заедно ќе излеземе со надеж дека ќе успееме да се пласираме на Европското првенство, истакна македонскиот селектор.
Тој додаде дека е задоволен од досега прикажаното во подготвителниот период во кој Македонија забележа пет победи и еден пораз.
– Се обидовме да согледаме кој што и колку може. Има да се работи уште многу. Знаеме дека можеме подобро, дека мораме подобро. Тешко може некој да каже дека не се бориме на теренот. Не можам да му замерам некому за неговиот квалитет, но за тоа што сметам дека моите избраници можат, ќе барам од нив да го практикуваат во текот на сите 40 минути, потенцира Џикиќ.
Новиот капитенот на репрезентацијата Војдан Стојановски верува дека достојно ќе ја врши новата функција и дека заедно со своите клупски колеги ќе обезбедат учество на ЕП 2015.
– За две недели почнува новиот квалификациски циклус. Има време да се поправи тоа што е испуштено. Продолжуваме со напорна работа. Со многу борба верувам дека се ќе биде како што треба и ќе стигнеме до целта. Џикиќ воведе многу новини во националниот тим. Доста работи по првпат ги среќаваме. Ни треба малку време да се прилагодиме, но сметам дека сме на вистинскиот пат, изјави Стојановски.