Почeток на проектот „Предложете сообраќајна контрола на веб-страницата на МВР“

Од:

Подобрување на состојбите во сообраќајот, односно зголемување на безбедноста и поефикасно откривање и санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, е целта на проектот на Министерството за внатрешни работи кој почнува со реализација и кој беше предвиден во програмата за работа на Владата.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која рече дека станува збор за проект кој го нарекле „Предложете сообраќајна контрола на веб-страницата на МВР“.

– Факт е дека не постои граѓанин кој не е засегнат од состојбите во сообраќајот и дека се зголемува граѓанскиот активизам односно сугестиите, мислењата и забелешките за одредени проблеми кои ги добиваме на наша адреса. На социјалните мрежи забележавме дека граѓаните потегнаа една иницијатица „Ѕид на сообраќајниот срам“, каде отворено се публикуваат и се критикуваат несовесните возачи посебно во делот на паркирањето, но и во другите прекршоци во делот на сообраќајот, посочи Јанкулоска.

Затоа, истакна, предвидовме граѓаните да можат на интернет страната на Министерството да испратат некаква информација или забелешка за одредени неправилности кои се случуваат на одредени улици каде тие биле сведоци.

– Потребно е да ни ја наведат локацијата и временскиот период во кој најчесто ги забележуваат овие појави без оглед дали станува збор за брзо возење, некакви трки, непрописно паркирање или непочитувања на сообраќајната сигнализација. Нивната забелешка веднаш ќе биде проследена до секторот за сообраќај од каде во најкус можен рок ќе биде изготвен и план за вршење на контрола во однос на информацијата која граѓаните ни ја доставиле, рече Јанкулоска.

Потенцира дека по завршувањето на контролата нивна обрвска ќе биде повратно да ги известат граѓаните за преземените мерки, констатираната состојба и изречените санкции.

Со овој проект, како што рече, очекуваме уште поголема мобилизација на граѓаните и еден вид дополнување на веќе постоечкиот проект „Безбеден град“ и очекуваме дека на овој начин ќе добиеме соработници во ликот на граѓаните кои ќе ни даваат дополнителни информации за улиците кои можеби не се покриени со видео-надзор односно сите граѓани ќе може да испратат сугестија до сообраќајната полиција.

– Нашата интенција е зголемување на сообраќајната култура и подобрување на состојбите во сообраќајот. Што се однесува до статистиката за оваа година бележиме зголемен број регистрирани прекршоци за нешто повеќе од четири проценти. Во првите шест месеци имаме регистрирано 73.152 прекршока на патиштата низ земјва или приближно 400 прекршоци во текот на еден ден на територијата на целата држава, истакна Јанкулоска и додаде дека најголем дел од тие прекршоци се на подрачјето на Скопје 15.696 или 86 прекршоци секој ден.

Посочи дека токму во Скопје бројот на прекршоци е во опаѓање во однос на првото полугодие од минатата година за повеќе од 20 отсто. Најголем пораст на регистрираните прекршоци, како што рече, е забележан од страна на автопатната полиција и таму зголемувањето е над 19 проценти, а биле забележани околу 77 прекршоци секој ден.

Што се однесува до видовите прекршоци кои најчесто ги регистрираат, Јанкулоска информира дека во првите пет се: непрописно запирање и паркирање на возила – 9.301, употреба да нерегистрирани возила – 8.715, брзо возење – 7.955, управување без возачка возвола – 7.346 и возење под дејство на алкохол – 4.365 прекршоци.

– Овој е првиот од повеќето проекти кои се поврзани со безбедноста во сообраќајот и во соработка со локалната самоуправа и Републичкиот совет предвидовме и воспоставување зони на таканаречен смирен сообраќај, но и посебна ознака за дел од возилата кои сугерираат да апелираме доколку возат небезбедно. За подигнување на довербата предвидовме и снимање на местото каде ќе се врши контролата, а планираме и да ја поедноставиме процедурата за добивање записници од сообраќајните незгоди односно тоа да се прави по електронски пат, посочи Јанкулоска.

Додаде дека евидентно е дека во сообраќајот речиси секојдневно има тешко повредени, а понекогаш и жртви и дека бројките од година на година стануваат се позагрижувачки.

Министерката Јанкулоска им го честиташе муслиманскиот празник на сите верници од исламска вероисповед.

Би можело да ве интересира

Арсенал оружје пронајден кај вработен во МВР, обвинителството бара притвор

Катерина Ѓуровски

СДСМ најостро го осудува палењето на возилото на претседателот на ОО Кривогаштани

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Oткази за 15 високи службеници во МВР

А1он