Италијанската мултинационална компанија „Монтанте груп“ која најави влез во слободната зона Бунарџик само во првата фаза планира да вработи 100 луѓе, а за неколку години бројката најверојатно ќе дојде до 300 или 400 вработени.
Тоа, како што истакна премиерот Никола Груевски во одговор на прашање по пуштањето во употреба на повеќенаменското игралиште во ОУ „Наум Наумовски Борче“ во населбата Триангла, го најави и самиот сопственик на петочната прес-конференција на која кажа дека нивниот објект во ТИРЗ Скопје 1 ќе биде три до четири пати поголем од првично планираниот.
– Компанијата планира да произведува амортизери за возови, шински возила, камиони и за други товарни возила. Има долга традиција, покрива многу пазари и е присутна на речиси сите континенти. Во Македонија сака да отвори нов капацитет, но не се работи за селење на капацитетите што ги има, туку за отворање комплетно нова фабрика. Само првичната инвестиција ќе биде околу 10 милони евра, но по укажувањето дека се планира за три до четири пати поголем капацитет од планираниот, инвестицијата можеби ќе биде 30 до 40 милони евра, рече Груевски.
Тој посочи дека станува збор за значајна инвестиција со која се воведуваат производство и технологии кои досега ги нема во Македонија. Компанијата планира до крајот на годинава да ја почне изградбата на објектот во Бунарџик, да ја заврши во рок од околу една година и веднаш потоа да започне со производство.
– Задоволен сум што прилично често во последно време имаме објави на мултинационални компании кои носат одлуки да инвестираат во Македонија, а еден дел веќе и го започнуваат тоа што го најавија. Новата компанија значајно ќе влијае на зголемување на извозот од земјава, а директно и индиректно на намалување на невработеноста и на севкупното производство во Република Македонија, потенцира Груевски.
Монтанте груп е мултинационална италијанска компанија со 2.300 вработени и годишен обрт од 800 милиони евра. Нејзиното седиште е во близина на Торино, Италија, а за можностите за инвестирање во Македонија, како што кажа нејзиниот сопственик Антоанело Монтанте на петочната прес-конференција во Владата, биле запознати на минатогодишното владино роуд-шоу во Италија.